МИЦКОСКИ: Планот на Заев и Борисов беше историјата да влезе во заклучоците, среќа што Чешка, Словачка и Австрија го спречија тоа

/ 17.12.2020

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во гостувањето во „Јади Бурек кај Јанко“ на ТВ Сонце истакна дека пријателите на Македонија како Чешка, Словачка и Австрија навреме реагираа да не се разнебити македонската историја и им го спречија планот на Заев и Бојко тоа да влезе во заклучоците на ЕУ за проширување.

Мицкоски посочи дека бидејќи Заев не успеа во Македонија поради критичната маса која се создаде, заедно со Бојко тргнаа на нов план историјата да влезе во заклучоците, за да има Заев оправдување пред граѓаните, односно, да рече дека ако сакаме ЕУ мора да се откажеме од историјата.

-Нашите пријатели од Чешка и Словачка го забележуваат тоа, а потоа им се приклучува и Австрија и викаат не може ова да влезе во заклучоците. Тоа се луѓето кои што повеќе од сопствениот премиер си ја сакаат Македонија. Треба да им честитаме, тие се дел од Вишеградската група. Ништо не е случајно, така и овие држави не случајно застанаа зад нас. Инаку ако тргневме оттука преку исток до Брисел лошо ни се пишуваше, среќа овој народ има пријатели кои го ценат, но има и луѓе од внатре кои се борат за овој народ, потенцираше Мицкоски.

Тој нагласи дека доколку се тој критериум за историјата влезеше во заклучоците од него назад нема, тоа тука завршува и за ЕУ е како Библија или Куран што е за верниците.

Одговарајќи на прашање кој е планот на партијата откако ќе се врати на власт за уставобранителите кои се по затворите, вели дека јавно нема да зборува на таа тема бидејќи е сензитивна, но дека не се откажува од нив и нивните семејства.

-Тоа е сензитивна тема, но она што можам да кажам дека имаме јасен план како по тоа прашање, рече Мицоски.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, додаде дека и уставобранителите и нивните семејства многу добро знаат дека не се заборавени од него и од ВМРО-ДПМНЕ и им порача да издржат затоа што доаѓаат подобри времиња во Македонија.

-Апсолутно не се откажувам ниту од нив, ниту од нивните семејства, а тоа тие го знаат добро. Еве ја користам приликата да ги поздравам и да им порачам да издржат. Доаѓаат подобри времиња, потенцираше Мицкоски.


Од истата категорија