Лидерот на македонската опозиција Христијан Мицкоски го повика министерот за образование Јетон Шаќири да ги задолжи сите училишта секој понеделник да ја интонираат химната на Северна Македонија. По Општина Аеродром, и општина Гази Баба веќе ја одобри одлуката наставниот процес во училиштата секоја работна недела да започне со интонирање на државната химна.
„Јас тоа не би го партизирал, бидејќи велите каде што се градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ, мислам дека ова треба да биде централизирана политика и Министерството за образование да ја спроведе оваа политика. Мислам дека на целата територија на државата треба да има на ваков начин покажување на почит кон државата во која сите ние живееме и твориме. Апелирам до министерот за образование ова да биде државна политика во сите општини без разлика од која политичка партија доаѓа градоначалникот, да ја интонираат македонската химна. Еве нашиот стратешки партнер, САД, каде што има многу нации, сите стојат мирно и простум пред интонирањето на американската химна и сите се горди на американската химна и американското знаме. Така што, оној што не ги почитува националните атрибути на државата во која живее, тогаш имаме сериозен системски проблем“, изјави Мицкоски.