Попусти им се гимнастиките со измените во Кривичниот законик, јас ви гарантирам дека одговорност ќе има за сето она кое беше направено, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во рамки кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“ на средба со граѓаните во Пештани.
Мицкоски истакна дека додека економијата ни е на колена, земјоделците мака мачат, учениците немаат учебници, пензионерите протестираат, а власта заработува на мака на народот и мисли дека ќе се спаси од одговорност.
– Овие од власта една мала група заработува на име на смртта, кога зборувам на тоа мислам на оној последен скандал кој се случи на клиниката за Онкологија. Поминаа месеци и гледате дека нема ниту истрага ниту одговорност за тоа што се случува, потенцираше Мицкоски.
Мицкоски додаде дека затоа е важно денеска сите за се обединиме и да застанеме позади ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата која ја предводи.
– Зборувам за сите протестни гласови кои не се случуваат со денешната реалност. Да не дозволиме преку игри, егзибиции и политички гимнастики политички маргиналци да не разделат. На тој начин добивка ќе имаат само овие политички измамници и криминалци во владата и тоа е нивната цел Имаат цел да создадат прокси опозиционери кои ќе кажуваат тоа што сакаат да слушнете. Единствената опција која знае како е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, рече Мицкоски.
Тој посочи дека затоа не е сеедно дали победата ќе биде со 53, 55 или 61 пратеник.
– Тоа е важно затоа што колку е победата поубедлива, толку повеќе ќе имаме можност за реализација на проекти. Поддршката ќе ја добијат ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата јас и ВМРО-ДПМНЕ ќе ви вратиме со храбра, чесна и достоинствена работа, изјави Мицкоски.
Што се однесува до економијата, Мицкоски истакна дека поради неспособноста на власта граѓаните страдаат, а за тоа е и доказ беспарицата која што зема се поголем замав во Македонија.
„Економијата ни е на колена, земјоделците каде и да одите ширум Македонија ќе ви кажат дека споделуваат голема мака, родот не е платен пласман нема и мака мачат како да ги прехранат своите семејства. А, децата немаат учебници за да можат пристојно да добијат образование, она кое што го заслужуваат во 21 век, а демек сме биле земја која што е кандидат за членство во Европската Унија. Денеска пензионерите ви протестираат затоа што не можат месец од крај со крај да го врзат. Ширум Македонија гледате како пензионерите за прв пат во независна Македонија протестираат затоа што не можат да преживеат“, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде и дека граѓаните си одат од државата бидејќи се разочарани од оваа власт, но набргу се ќе се смени по претседателските и парламентарните избори.
„За економијата, за националните понижувања, за образованието, за земјоделието, за пензионерите, за младите, моите студенти кои што после дипломирањето одлучуваат да си заминат 8 од 10 би рекол кога ќе ги прашам зошто тоа го прават, велат дека овде едноставно не гледаат перспектива. Ќе имате сите вие можност да зборувате гласно за неколку месеци од денес на следните претседателски и парламентарни избори“, истакна Мицкоски.