Христијан МИЦКОСКИ, по повод 33 годинишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ

Почитувани членови на Извршниот и на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани членови на Унијата на жени,

Почитувани членови на Унијата на млади сили на ВМРО-ДПМНЕ,

Почитувани членови на Унијата на ветерани,

Почитувани членови на Патриотскиот институт,

Почитувани претседатели претставници на коалиционите партнери, идната победничка Коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ,

Драги браќа и сестри,

Токму денес се навршуваат 33 години од создавањето на ВМРО-ДПМНЕ која беше остварување на еден столетен завет на Македонците за борба за слобода, несомнено имајќи континуитет од историското ВМРО и сето она што оваа организација значи за нашиот народ.

ВМРО-ДПМНЕ се појави тогаш кога и требаше на Македонија и значеше будење и излез од комунистичкиот режим кој има своја трага и нанесе сериозни лузни во нашето остварување како народ, држава и врз нашето постоење.

И како еден непрекинат ланец огнот за слободата и за своја држава се пренесуваше низ вековите. На Илинденците им требаше ВМРО, како што на ВМРО и требаше интелигенцијата и силата на народот за да ја создава Македонија. Тој оган, тој мал зрак на надеж за своја држава не згасна ниту низ големите бури и премрежија. А искушенијата никогаш не го заобиколиле овој простор, туку народот живеел со предизвиците кои го направиле посилен, а неговата борба поцврста. Тој мал оган за идеја, слобода и кауза Илинденците го пренесоа и на генерациите потоа. И тој пламен не згасна, а ВМРО-ДПМНЕ изникна од најисконските пориви на патриотскиот народ да има организација и партија која ќе биде нивното врзивно ткиво, нивниот застапник и нивниот претставник во борбата која не беше простодушна ни нималку лесна, но искрена и чесна за создавање на своја држава. Луѓето од нејзините почетоци, татковците на оваа партија ја недреа идејата на нивните претходници. А за таа идеја, за Македонија се даваа животи, се зацрнуваа семејства, луѓето поминуваа голготи, цели поколенија беа стигматизирани, само поради една причина затоа што веруваа во Македонија. Тие го носеа и нашиот камен, тие се бореа и за она во што веруваме денес. И не може некаква историска комисија, некаква директива или регулатива да го избрише тоа во што народот цврсто верува, да ја избрише таа втемелена трага на нивната жртва. Зарем да молчиме кога треба да гласно да зборуваме. Ние секогаш ќе се поклонуваме пред делата на Панко Брашнаров, Венко Марковски, Петре Пирузе, Ченто, Михајло Апостолски, Благоја Шамбевски, Костадин Динката, како и Драган Богдановски и десетици, стотици имиња и презимиња врз кој ја темелиме оваа наша Македонија. Затоа што кога се бориме за нашата Македонија, ја имаме обврската и кон овие луѓе и генерациите потоа кои дојдоа и оставија трага.

ВМРО-ДПМНЕ се појави и беше создадена токму пред изборувањето на независноста и во моментите кога тој оган требаше да се предаде на следната генерација. А времето е најдобар одговор дека многу издржавме, ги поминавме најсилните потреси, и дека идејата не само што е жива туку и победата е наша!

И она што денес, по 33 години од создавањето ќе го кажам во името и за честа на сите наши херои, жртви од минатото, во името на чесниот и работлив народ кој си ја сака државата и Македонија – Среќен роденден ВМРО-ДПМНЕ!!!

Доаѓаат подобри времиња!

Пред прагот сме на промената која треба да ги оствари надежите поради кои ја водиме оваа битка. Пред прагот сме на промената која сакате сите вие да ја видите и ја чекате шест години. Пред прагот сме да почнеме да ја создаваме иднината поради која вреди секоја наша борба и жртва.

И ова не е само моја обврска туку и чест, да направам нешто повеќе за сите нас.

Не е точна тезата дека Македонија нема херои. Тоа го зборат луѓето кои незнаат да погледнат околу себе, затоа што секоја педа македонска земја е скапо платена со жртвата на многу наши предци, со маката на многу наши современици кои се херои и на сегашното време. Борци чие имиња ги нема по весниците и телевизиите, но нивните дневни победи над тешкиот живот не учат за надежта, енергијата, за непоколебливата волја да се успее тогаш кога е најтешко. Го запознав Александар родум од битолскиот крај. Тој има Даунов синдром. Животот кон него не бил фер, но тоа не е главната пречка, туку она што поразува е негрижата на целиот систем за него. Институциите никогаш и со ништо не му помогнале. Ќе бидам искрен, ваквиот неуспех на власта го чувствувам и за мој, наш, заеднички. Зошто сите сме дел од еден систем. Власта и државата него не му помагаат, но сите ние можеме да му помогнеме ако го кренеме гласот за работите кои се важни.

Над Македонија се раѓа ново сонце на слободата! – се првите зборови на нашата химна, но и зборовите на голема надеж, голем сон и иднина каква сакавме да имаме и епизодата по која копнеевме, а сè помалку гледаме дека ја добиваме овие 32 години од независното постоење на нашата татковина.

Денес од таа Македонија за која сонувавме сме подалеку од тогаш кога ја создававме. Се изгуби таа енергија, се загуби тој копнеж. Луѓето се отуѓија, им се одзема правото на колективното сонување, правото на заедничка среќа.

Работите никогаш не биле толку драматични како во последните 6 години кога немаме само лошо владеење, не само управување кое е навреда на интелигенцијата на народот, туку масовен удар по нашето постоење, рекомпонирање на погрешни и новосоздадени основи кои никогаш не биле дел од нашиот код, нашиот идентитет. Кога крадците не само на државното богатство, туку и на колективната среќа ни велат дека нè спасуваат за да ни донесат иднина, треба да знаете дека тоа се миговите кога најмногу нè предаваат и миговите кога Македонија се уништува повеќе од кога и да било порано.

Од власта не уверуваат дека било европски да ги менуваме нашите традиции и нашите верувања. А знаете дека е многу мала вредноста на зачувување на нашата нација, ако нашите традиции не ги сочуваме со неа, ако не го заштитиме нашиот јазик, култура и она што сме и по што се разликуваме.

Ако некој намерно или не намерно не умее да препознае јасен знак на присутна опасност, тогаш јас можам само да кажам дека опасноста никогаш не била појасна и нејзината присутност никогаш не била по видлива. Потребна е промена во погледите, промена во тактиката како држава, промена во мисиите од страна на владата, на народот, од страна на секој лидер и поединец. Затоа што ние денес се соочуваме со акција за бесчувствително декомпонирање на македонскиот национален идентитет, кој се потпира врз мотивот за ширење на своите лукративни сфери на личното влијание на власта за сметка на колективниот интерес, на инфилтрација на личен интереси , наместо инвазија на знаење, на субверзија и одлоговлекување, наместо на избори на заплашување, наместо на слободен избор, на поклонување и наведнување на глава наместо на кажување на аргументи, на простодушност наместо разум.

Има луѓе со кои сум се сретнал, разни дипломати, претставници на странски земји кои велат зошто не попуштите пред барањата на Бугарија. Дојдете господа во Македонија!

Дојдете да видите кои се нашите борби и кои се нашите страдања. Да ја разберете нашата историја и да го чуете народот што мисли и како лелека.

Има и такви кои велат дека ниту една земја не се изгубила на патот кон интеграцијата. Дојдете господа во Македонија! Дојдете да видите дека ниту една друга држава не го отстапила својот идентитет, јазик и име како што тоа го направи оваа држава.

Има и неколкумина од Европа кои велат интеграцијата е најважното прашање. Се согласувам дека е важно, но дојдете во Македонија да видите дека половина милион живеат во сиромаштија, повеќе од 30 илјади живеат во екстремна сиромаштија, со инфлација каква што нема никаде во Европа, заглавени во чекалницата пред истата таа Европа.

Ова е реалниот живот.

А околу темата со уставни измени, изминатите две недели бевте сведоци на жестока хајка од власта, на море од дезинформации, лажни етикети. Тоа беше нервозата со која власта на ДУИ и СДС ни кажа дека е совршено јасно дека немаат план за заштита на Македонија освен да продолжат да го бараат истото она што го бара и Бугарија од нас. Ова нивно однесување го препознав. И точно знаев дека не сакаат договор и дека ќе се вплеткаат во лаги, во недостиг на храброст да се соочат со народот и она што народот го бара. Јас дадов два предлози за излез кои се базирани пред се на заштита на националните интереси, нашиот идентитет и јазик и кој воедно содржат и гаранции за продолжување на нашата европска иднина. После две недели, одбегнување од нивна страна да кажат кој предлог тие го одбираат, јасно е дека ја отфрлија историска шанса за иднината Македонија, одбраа да работат за себе туркајќи бугарски диктат.

Оваа тема, порачувам, оваа тема тука ја затворам со јасна порака, уставни измени под бугарски диктат нема да има ниту сега, ниту кога било во иднина и ВМРО-ДПМНЕ нема да оди против својот народ! Тоа го кажав пред година дена, не далеку одовде пред Владата на Република Македонија, тоа го кажувам и овде уставни измени додека јас сум претседател на под бугарски диктат нема да има.

Драги браќа и сестри,

Власта ако се вразуми, во што не верувам, тука сум да разговарам единствено за она што ќе значи исполнување на еден од двата предлози кои ги дадов. Тоа се нашите црвени линии од кои нема повлекување. А за најавите дека ќе разговарале со пратеници, ќе им кажам и ќе им порачам ова не е 2018-та година, друго време е. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се последниот браник кој нема да попушти под какви и притисоци тие да прават, зошто и тие знаат, и народот знае дека им се избројани деновите. А изборите стануваат единственото решение за излез од кризата.

Тоа е излезот и лекот на оваа криминална и коруптивна гангрена наречена ДУИ со подизведувач СДСМ која ќе биде жестоко поразена од народот.

Воедно сакам да посочам дека наредните избори нема да бидат само порака од народот за тоа што тој мисли за уставните измени, туку многу повеќе од тоа, порака од народот за оваа власт што тој мисли за реалниот живот кој е тежок, сиромашен, и многу несигурен.

Овие избори ќе бидат многу повеќе порака од народот до власта за скапиот живот, инфлацијата која е двоцифрена и највисока во Европа, за немањето на здравствен систем, за корупцијата по судовите, обвинителството, за врските-непотизмот, криминалните тендери. Ова ќе биде и порака на оние добри луѓе кои со месеци молат пред вратите на институциите и се уште го немаат лекот Трикафта. Овие избори ќе бидат и порака на младите на кои им ги одземаа сите шанси, порака на докторите, медицинскиот персонал кој го обезвреднија, на земјоделците чија мака е неплатена, на невработените, но и вработените со ниски плати, на родителите кои треперат за своите деца, на сите оние храбри луѓе кои пред налетот на тешкиот живот им удираат по достоинството, на успешните луѓе кои ги прават со сила да се чувствуваат губитници, на пензионерите со кои си поигруваат, порака на сите нив нив на кои треба да им кажеме готово е, доаѓа крајот. Готово е! Готово е. Ова мора да заврши со убедлив триумф на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата на следните парламентарни избори.

Се запрашал ли секој од вас каде одат парите. Зошто тие се толку богати, а народот толку сиромашен. Зошто секој тендер на државата има однапред добиен понудувач. Зошто има пари за службени возила, а нема за нови клупи на училиште. Зошто има пари скапи државни прослави, разни државни форуми, а нема пари за грижа за болните од ретки болести. Зошто тие живеат во хациенди, а народот нема ни за сметки за струја. Одговорот е јасен, затоа што тие се богатат со потта и над несреќата на овој народ. И доаѓа времето за она што се вика одговорност. Време е за одговорност!

Дојде времето кога мора да се порамнат сметките со оние кои краделе и се богателе на грбот на овој народ. Одговорноста не е закана, туку мое ветување и нужен процес за секого, без разлика на вера, нација или било каква припадност или неприпадност.

Драги пријатели,

Кога го кажував примерот со Александар на почетокот од мојот говор и за неговите маки и борби со системот кој не покажува грижа, тоа го направив за да кажам дека сите ние имаме обврска да го кренеме гласот против неговата неправда. Неговата неправда е и наша, затоа што кога неправдите, неспособноста на системот се толку големи тогаш кревањето на гласот не е само наше право, туку тоа е и обврска.

Граѓанинот има свои права, но и свои одговорности. Одговорноста се однесува и на обврската да се учествува во општеството и таа е уште поголема, уште позначајна кога опасноста за ерозија на вредностите во кои веруваме е сеприсутна. Граѓанинот, сите ние имаме обврска да учествуваме во политиката и да го кажеме своето мислење секогаш и секаде, а особено сега. Гласот на тивкото мнозинство е глас кој ги менува работите, кој создава надеж и промена која сакаме да ја видиме. Мислејќи дека од нас не зависи, забораваме дека од сите нас зависат истите работи кои ни тежат како тег.

Неспособноста во Македонија се плаќа скапо, некогаш со нефункционирањето на системот, некогаш со многу корупција, а некогаш и со животи, како што беше случајот со изгорената модуларна болница во Тетово. Од нас зависи дали ќе ставиме крај. Меѓу другото обврска сите да учествуваме во политичкиот живот, да не се седи на страна е и патриотска должност. А заедничкиот патриотизам не е апстрактна норма во која веруваме, туку делување против она што ја руши нашата иднина. Е таа неспособност ќе биде поразена.

Мораме да разбереме дека нема такво моќно оружје во Светот како што е борбата за економска обнова, културен развој и технолошки напредок. Сето ова зависи од волјата на слободните мажи и жени, од луѓето на Македонија. Тоа е нешто што ние како народ и држава го поседуваме, но треба да дојдат одговорни луѓе кои ќе дадат шанса на огромното мнозинство кое го носи тој потенцијал. Јас како индивидуа верувам во американскиот принцип „на еден од сите, на поврзаност како едно”. И тој ќе го повторувам постојано.

Ако има некое дете на улиците во Скопје, кое не знае да чита, верувам дека тоа ме засега и мене, иако не е мое дете. Човек кој е со Даунов синдром, кој не може да си плати за пристоен живот, тој ме засега и мене иако тој не е мој роднина или родител. Ако има некој млад човек кој има капацитет, сила за наука и мотив, а нема доволно средства за школување, тоа е и моја загуба, иако тој млад човек не е мој познаник или пријател. И мораме да го запазиме тој фундамент дека и да јас сум чувар и јас имам одговорност и за тоа дете кое не знае да чита, и за тој млад човек кој пропушта шанса за образование или за тој човек кој не може да си плати за пристоен живот. Затоа велам сите ние сме како еден. И така мора да се однесуваме за секој предизвик со кој се соочуваме, само така е се помагаме и поддржуваме еден со друг и така ќе постигнеме национално единство за кое веќе подолго време говорам. Така ќе бидеме брана и за сите национални удари врз нашите темели.

И нема лева или десна, постои само една Македонија!

Не постои СДСМОВСКА-ВМРОВСКА МАКЕДОНИЈА, туку само една МАКЕДОНИЈА!

Ова е Македонија за сите! Македонија која е нашиот единствен дом. Остануваме верни на народот на Македонија. И заедно со него. Тоа го покажавме и со финиширање на акцијата „Ова е Македонија за сите“. 200 луѓе од партијата во 19 тимови посетија 709 населени места. Организиравме 12 трибини насекаде низ цела Македонија, се нотираа повеќе од над 18 илјади проблеми, лично кажани од народот. Го посетивме и најмалото населено место, се ракувавме со илјадници луѓе желни за промена. И тоа само говори дека ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата се меѓу народот и го слушаме неговиот збор. И така ќе продолжиме, и секој проблем ќе биде анализиран и ќе нудиме решенија. И знам дека од оваа власт нема да биде решено ништо, и нив ќе ги решаваме кога ќе ја превземеме одговорноста да управуваме со Македонија. Секој проблем ќе има решение. Затоа што, драги браќа сестри и пријатели, ова е Македонија, Македонија за сите!

Ова е Македонија на надеж, сон, копнеж и иднина.

Ова е Македонија на заеднички патриотизам.

Заедничка радост и среќа.

Македонија на заеднички победи, реформи. Македонија на големи чекори напред и големи промени. Македонија која дава сигурност, дава перспективна шанса за секого. Македонија во која одлучувате вие. Македонија која ја победува апатијата, која ја менува грдата реалност. Која дава рака на секој еден кого системот го оттурнал и го ставил на страна.

Македонија на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Власите, на Бошњаците. Македонија на христијаните, на муслиманите, на атеистите.

Од сите вас зависи каква ќе биде иднината. Овој пат треба да се приклучите, овој пат е важно да учествувате за заедно да ги менуваме работите. Со истата енергија каква овој народ и земја ги имале при сите големи победи, при сите свои Илиндени, славни епопеи и победи.

Шанса не само за една, туку за сите генерации заедно оставени на страна овие 30 години.

Шанса за заедничкиот патриотизам во кој веруваме.

Ова е Македонија на заедништво и нов заеднички патриотизам на рамноправни. Нашата борба е за европски вредности кои се темелат врз меѓусебно почитување и самопочит.

Нашата борба е вредности, идеал и кауза. Нашата борба е да ја обновиме Македонија. Промените да победат, за заедничка иднина!

Ова е незапирливата сила на народот.

Ова е Македонија! Македонија за сите!

Да сте живи и здрави!

Да живее ВМРО-ДПМНЕ!

Да живее Македонија!