Во вечерашниот поткаст, Христијан Мицкоски упати сериозна критика и кон ДУИ, посочувајќи дека партијата се наоѓа на пат на радикализација и криминализација. Според Мицкоски, стратегијата на ДУИ е погрешна, а перцепцијата на јавноста за партијата е драстично изменета во споредба со минатото.
„Мислам дека ДУИ е политичка партија која што во моментот претставува опасна закана и претставува радикален милитанен елемент, не само овде кај нас во Македонија, туку и регионално“, изјави Мицкоски, додавајќи дека тие не се свесни дека времињата се драстично променети и дека нивната стратегија од пред 17-18 години повеќе не е применлива во денешниот контекст.
Премиерот упати сериозни забелешки за начинот на кој ДУИ продолжува да функционира, а особено критичен е случајот со Артан Груби, кој, како што истакна, е ставен на црната листа на санкции на САД поради корупција и криминал.
„Бидејќи ирелевантно и тотално е неважно што ВМРО-ДПМНЕ мисли, ВМРО-ДПМНЕ е политичка партија која што си има свој став, и разбирам дека можеби за нив е тоа ирелевантно. Но треба да бидат свесни дека ставањето на Груби на листата на санкции на САД, поради причини кои се тесно поврзани со криминал и корупција, автоматски подразбира дека целокупната нивна структура е контаминирана со криминал и корупција во очите на нашите стратешки партнери“, нагласи тој.
Мицкоски беше дециден дека, иако ДУИ има демократско право да води своја политика, доколку не ги користи демократски инструменти, државата ќе мора да реагира.
„Се додека некој ги користи демократските инструменти за водење политика и начини, тоа е прифатливо. Првиот момент кога нема да ги користи, тогаш ќе мора државата да реагира“, заклучи премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ.