Најавената силна акција во правосудството вклучува сеопфатни реформи, мора да има систем кој ќе функционира, да има одговорност за судиите и обвинителите кои не ги исполнуваат етичките стандарди или се вклучуваат во коруптивни практики, вели премиерот Христијан Мицкоски во интервју за „Фактор“.
-Не ја разбирам загриженоста дека овие реформи може да се сфатат како притисок врз судството. Сепак, нашиот пристап е вкоренет во почитувањето на владеењето на правото и имаме за цел да ја зајакнеме независноста на судството, а не да ја компромитираме, нагласува Мицкоски.
Корупцијата, додава тој, е постојано прашање и значајна пречка за економскиот раст, довербата на јавноста и интеграцијата во ЕУ.
-Оваа Влада е посветена на директно справување со корупцијата, како преку системски реформи, така и преку решителна акција. Еден од првите чекори е зајакнување и деполитизирање на институциите. Ова вклучува обезбедување дека сите органи работат независно и нема повеќе лица кои ќе ја искористуваат својата моќ или позиција да нарачуваат пресуди и да конструираат случаи, истакнува Мицкоски.
Посочи дека зголемувањето на транспарентноста преку дигитализација на јавните услуги е клучен дел стратегијата на Владата.
-Со намалување на бирократската дискреција во процесите како што се јавните набавки ќе успееме да ги минимизираме можностите за корупција, а со сигурност дефа ги заборавиме постапките на склучување на договори во четири очи. За искоренување на корупцијата ќе биде потребно време, но нашата посветеност за градење поодговорен систем е непоколеблива. Ние имаме обврска да ги исполниме очекувањата на нашите граѓани, додава Мицкоски во интервјуто.