Што се однесува до СДСМ тие на овие избори свесни се дека губат и тие повеќе се грижат и позиционираат за времето по изборите. Ковачевски, човекот кој до вчера управуваше со државата и одлучуваше за сè, вели вчера дека во Југославија земјава била спејс шатл. Можеби тоа е така, но проблемот е што сега тој со неговите од Македонија направија дупнат дрвен чамец, истакна лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на денешната промоција на кандидатите за пратеници.
СДСМ е тотално безидејна, немаат ниту план, ниту програма. Барем пред 8 години имаа памфлет наречен „За живот во Македонија“, кој видовме како заврши и во што се претвори, но сега ниту тоа го имаат. Немаат никаков концепт, а на избори одат со некаков список на желби напишан на хартивче. Без сериозен план и програма. И навистина немам намера оваа кампања да се занимавам со нивните негативни хајки и црнења кои ги прават врз мене и моето семејство цели 6 години. И не ми паѓа на памет да одговорам и да се валкам во нивната кал, туку единствена намера имам да ја извадиме државата од калта во која тие ја втурнаа. Она што вистински ме мачи и она што вистински мораме да го поправиме е што над 600.000 луѓе, наши сограѓани, соседи и пријатели живеат со само 150 денари на ден – истакна Мицкоски.
Посочи дека секој трет граѓанин е сиромашен.
Македонија е најсиромашна држава во Европа и со најголема инфлација. Инфлацијата во Македонија е 50% поголема од таа во Еврозоната. Растот на БДП по глава на жител од 2017 до 2023 во Македонија е само 20%, додека во земјите од регионот Србија, БИХ, Албанија, Црна Гора повеќе од 50%. Јавниот долг за 7 години е зголемен за скоро 4 милијарди евра. Власта го задолжила секој граѓанин за 2.000 евра. Македонија меѓу 10-те земји со најголема стапка на криминал во Европа. Државава е на врвот на листата во Светот според индексот на мизерија – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека имаме најниски плати и пензии во Европа последниве 6 години.
Дополнително на тоа Македонија тоне во корупција, тоа го нотираат всушност и извештаите на ЕК, Стејт Департмент, Германски стопанственици и странски претставници Со оваа власт довербата во судството е само 2%. Ова е реалноста која мораме да бориме да се промени – вели Мицкоски.
„Државата не е само наша припадност, туку и наше наследство, кое многу генерации претходно скапо го платија и да бидеме свесни дека секоја педа македонска земја е натопена со многу страдања, борби и крв. Не е ова само наша своевина туку и наследство и слобода кон која се обврзуваме. Дојде моментот и часот кога време е сите заедно да ги промениме работите“, порача претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешниот настан на промоција на кандидатите за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „Твоја Македонија“
Мицкоски додаде дека мора да не биде, затоа што овие избори се вистински, буквално вистински последниот час да победат пристојните луѓе, да победи разумот во Македонија.
„Да им кажеме на сите дека има надеж и ние сме таа надеж и сила и структура која овој пат има озбилна намера да ја обнови Македонија“, нагласи Мицкоски.
„На прагот сме на голема победа. И таа победа зависи од секој еден човек на Македонија. И таа победа нема да биде само наша, туку ќе биде на сите пристојни луѓе кои овој пат ќе решат да излезат на избори и ќе донесат одлука не за нас, туку пред се за себе, за своите семејства, за својата иднина. Работите никогаш не биле потешки, но и никогаш не биле појасни. ВМРО-ДПМНЕ е најголемата сила за промени кои Македонија мора да ја врати на народот. Македонија мора да остане таму каде припаѓа и државата да почне конечно да функционира онака како што очекуваат граѓаните“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски рече дека победа која ќе испрати порака дека 2 милиони народ се посилни од стотина елитисти кои со години ја упропастуваат Македонија. Победа за крај на обезличувањата, победа за крај на криминалот и корупцијата која го јаде секое здраво ткиво.
„Ваша одлука, но наша заедничка победа за нова енергија на луѓе кои безусловно ја сакаат Македонија. Заедно, со огромната сила на народот од денес го почнуваме последниот и финален чин на тоа да си ја вратиме Македонија и Македонија да биде повторно ваша, наша, Македонија да биде повторно твоја. На секој еден пристоен човек кој знам дека ќе реши да се бори за својата иднина. Победуваме со силата на многумина кои мора да излезат на гласање ако сакаат промени. За Македонија повторно твоја за промени кои се во твоите раце“, нагласи Мицкоски.