По информациите за евентуална дестабилизација на државата, премиерот Христијан Мицкоски очекува провокации на меѓуетничка основа. Тој сега вели дека наесен ќе се отворат повеќе истраги против лица кои се збогатиле со народни пари, но воедно одрече дека би можело да стане збор за политичка хајка. Според него, ваквите структури проневериле стотици милиони евра и со тие пари ќе најмуваат групи за создавање инциденти, бидејќи нема да се во можност да организираат долги протести.
„Од нивното однесување можеме да заклучиме дека се немоќни да мобилизираат и магнетизираат долготрајни протести, таква е нашата анализа, без притоа да предизвикаат меѓуетнички инциденти, етничка омраза, нетрпение итн. и затоа во периодот што следува ќе има провокации“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Мицкоски вели дека не треба да се наседне и упати молба до граѓаните.
„Ќе следуваат таков тип на провокации, затоа ги замолив граѓаните да бидеме мирни, затоа што ние имаме цел да се развиваме, да одиме напред“, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Од владејачката коалиција „Вреди“ прстот го вперија директно кон ДУИ, посочувајќи го неодамнешниот инцидент на стадионот во Струмица.
Од ДУИ одговорија дека „Вреди“ лажат, поради неуспесите и понижувањата од ВМРО-ДПМНЕ.
Од ДУИ претходно соопштија дека информациите на Мицкоски за дестабилизација се политички блеф.