Членка на НАТО не смее да си дозволи да остане без врховен командат, тоа го кажува и меѓународната заедница, очекувам цензусот од 40 отсто за претседателските избори да биде исполнет, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. Тој ги повика гласачите Албанци да излезат на вториот круг, а тоа што ДУИ не го повикува своето членство го оценува како политички маневар.
„Во немоќ, да не доживеат катаклизма пред нивните гласачи ги потсетуваат на некои романтични националистички и шовинистички времиња од пред 20, 21 година, кога се обидуваа да ги злоупотребуваат пред сѐ Албанците повикувајќи на некои големи држави на Балканот, така сега се обидуваат да направат акробација и велат: „Нема да бојкотираме, но ќе бидеме на страна и нема да го повикаме членството или поддржувачите наши да гласаат“.. Ги повикувам нашите сограѓани Албанци да не наседнуваат..“
За пораките од ДУИ дека за формирање на влада е неопходно бадентерово мнозинство, Мицкоски смета дека сето тоа го прават бидејќи, како што вели, им дошло време за одговорност. На терен прават огромен притисокза да ја купат волјата на граѓаните, мислејќи дека ВМРО-ДПМНЕ ќе биде пред свршен чин да мора да седне и да разговара со раководството на ДУИ, обвини Мицкоски.
„Апелираме цело време бидејќи имаме индиции дека на уште педесеттина други места низ Македонија се полнеле кутии, а излезноста наеднаш по 18 часот се зголемила.. Можам да ви кажам примери во градови како Виница, Кочани, Делчево, Берово каде владини функционери во придружба со полицајци кои се идентификуваат како полицајци имале обиди да поткупуваат дури и во верски објект.“
Мицкоски го повика обвинителство да постапи за злоупотреба на службената положба по наводите кои ги изнесоа вчера од ВМРО-ДПМНЕ, дека вицепремиерот Фатмир Битиќи од СДСМ со писмо барал од компаниите да гласаат за нив. Во спротивно рече дека ќе се докажело дека системот е партизиран.