Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во вечерашното гостување во „Само интервју“ на Канал 5, повторно побара од власта да се одложи пописот за 6 до 12 месеци.
Тој рече дека ќе ги прифати само резултатите од електронскиот попис кој би се спровел.
– Електронски попис може да се спроведе врз основа на пример од некоја друга земја која веќе го направила тоа. Треба да ги вкрстиме базите кои се дефинирани врз основа на методологијата и така да ги прифатиме резултатите од пописот. Тоа што ќе го пресмета компјутерот кога ќе стиснеме „ентер“, тоа ќе биде конечен резултат – рече Мицкоски.
Тој отфрли дека ќе има бојкот:
-Нека биде само електронски пописот, утре да се собереме да ги дефинириаме методолошки базите на податоци, да го земеме примерот на држава која спроведува попис електронски и да се попишиме. Јас ви велам дека ќе ги прифатиме тие резултати, такви какви што ќе излезат. Не сакаа фингерпринт, одбија 30 амандмани, одбија дебата со опозицијата, се завршија, им велиме на крај немојте, дајте нов закон, нека биде само електронски. Да ги вкрстиме базите, да ги детерминираме кои се бази во методологијата и врз основа на тие бази да добиеме резултат. Нема да го спориме, потенцира Мицкоски.
На прашањето како ќе знаеме дали некој ја напуштил државата, Мицкоски вели ќе знаеме дали имал финансиска активност во државата , ќе знаеме дали платил данок, сметка, дали пријавил живеалиште што се депонира во МВР, дали здравствено е осигуран, дали посетил доктор, дали уплатил за пензиско и така натаму.
Но повторно побара од власта да го одложи пописот за шест до 12 месеци, кога, како што рече, нема да има ниту избори, ниту ваква кризна ситуација.