Претседателот на Владата на Република Македонија, Христијан Мицкоски во своето гостување во „Топ Тема“ на Телма изјави дека соработници на екс претседателот на САД и кандидат, Доналд Трамп сакаат да соработуваат со земјава и се разговара за можни проекти, бидејќи како што потенцираше главен приоритет на оваа влада е дигиталната трансформација, затоа што преку тоа, степенот на корупција, криминал ќе биде жестоко намален.
„Станува збор за корпорации со десетици милијарди долари годишен обрт. Крис Павловски е со македонско потекло, тој работи заедно со тимот на господинот Трамп во делот на развивање на Rumble која е многу важна во процесот на дигитализација, а луѓето кои беа тука господинот Хауард и господинот Нунес се двајца кои се од кругот на најблиските соработници на екс претседателот на САД, Доналд Трамп и тоа се луѓе со големо корпоративно и политичко искуство во делот на дигитална трансформација.“, рече премиерот Мицкоски говорејќи за денешната средба со претставници на компанијата Rumble, финансиската корпорација Cantor Fitzgerald од САД и Трамп корпорација.
Премиерот Мицкоски говорејќи за можностите, посочи дека и претходно се зборувало за идејата „дигитален денар“, да видиме како можеме да се развиваме таа идеја, дали може заедно со блокчејн технологија да направи нешто во кое ќе се обезбеди поголеми приходи за граѓаните и државниот буџет.
„Јас сум горд и задоволен што овие луѓе се тука и со тимови на владата ќе разговараат поделени во два дела, првиот е економски и тука пред се мислам на новите блокчејн технологии, на криптовалутите и можностите како „дигиталниот денар“, и второто е да видиме за дигитализацијата и дигиталната трансформација за сите овие процедури кои ги зборуваме полесно и потранспарентно да ги завршуваме. Станува збор за компании со приходи од десетици милијарди, а господинот Хауард Лутник е практично човек кој во моментот е еден од најважните 10 фактори на светскиот финансиски пазар и ние го имавме во Македонија“, нагласи Мицкоски.
Премиерот Мицкоски потенцираше дека ако овој тип на инвеститори ги имаме тука со инвестиција, ќе значи препорака за многу компании, бидејќи истите соработуваат со финансиски инвестиции со трилиони.
Што се однесува до патувањето во САД, тој истакна:
Навикнат сум 6 години да го напаѓаат моето семејство, сега решија и детето да ми го напаѓаат. Антикорупциска го истражува целиот случај и сите потребни документи ќе бидат доставени во текот на утрешниот ден и да почекаме да излезат во јавност да кажат. Ако има и еден милиметар отстапување јас сум подготвен да сносам одговорност. Но ако не е така, тогаш да ми се извинат, ако не сум погрешил.
Премиерот Мицкоски истакна дека иако имало можност тоа да не се плати од сопствен џеб сепак се одлучил патот за неговиот син да го плати од сопствени средства и сето тоа ќе биде документирано и доставено до надлежен орган кој ќе каже.
Во однос за патувањата во странство премиерот Мицкоски истакна дека ќе беше подобро Македонија да има сопствен пристоен авион со кој ќе може да се врати одма, наместо три дена да лета со комерцијални компании.
Ако имавме како држава пристојно летало, еве на самитот на Европската политичка заедница како што имаат сите, како и нашиот сосед Србија, вклучително Орбан, Макрон, Шолц. Толку многу е крадено од оваа држава што една цела флота е однесена. Ќе отидев ќе го завршев самитот и ќе се вратев, јас на три дена бев на пат и постоеше можност да не се вратам поради проблемот кој откажа повеќе од 1000 летови во Европа, рече Мицкоски.
За тоа во каква класа се возел премиерот Мицкоски, нагласи дека поради здравствениот проблем со колената од Виена до Вашингтон и Њујорк до Виена бил во бизнис класа, додека за Скопје до Виена, како и потоа летот за Лондон во економска класа, посочувајќи помеѓу 11 и 12 ред кај излезот за итни случаи поради поголемиот простор за нозете.
„Кога патував од Виена до Вашинготн и од Њујорк до Виена патував со бизнис-класа бидјеќи имам проблем со колената и потоа не можам еден ден да бидам функционален бидејќи сум повисок и затоа одбрав така. Но, од Скопје до Виена и од Виена до Скопје бев во економска класа накај излезот за итни случаи. Обично седам на излезот за итни случаи поради тоа што има повеќе простор за нозете, некаде помеѓу 11-иот и 12-иот ред. Кога летав за Лондон (на самитот на Европскта политичка заедница, н.з.) седев помеѓу 11-иот и 12-иот ред од седиштата на компанијата ‘Аустријан ерлајнс’. И во минатото сум правел така и во иднина ќе така ќе биде“, изјави Мицкоски.