Судии и обвинители барале средби со премиерот Христијан Мицкоски, обелодени тој денеска одговарајќи на новинарски прашања.
Тој им порача дека нема да прима никого, дека нема да владеат со политички притисоци преку судии и обвинители и дека треба да им служат на граѓаните, а не нему.
-Не сакам да ми бараат средби ниту судии, ниту обвинители, еве ми бараат, не сакам. Нема да примам никого, не ми треба тоа. Треба да работат, само за тоа што се платени, а ги плаќаат граѓаните од тешко заработени пари, преку даноците што ги плаќаат.
Треба на нив, да им служат, не на мене. Немам потреба јас. Немам ниту браќа, ниту братучеди, ниту било какви интереси кои имаат интерес од судството. Ниту имам намера како влада да владееме на тој начин, преку судии и обвинители да вршиме политички притисок. Немаме. Сакам правда, сакам за тоа што се платени, тоа да го испорачаат, порача Мицкоски.