Пет плус еден, 6-2, 12+3 или како сакате наречете ги тие иницијативи, тоа е парадата позади завесата, приличен јасен бев, стои документ кој што тие го нарекуваат Резолуција на бугарскиот парламент. Тоа е основата, тоа е суштината на проблемот. Овие инцијативи 5+1, 2+3, 3-1, ако сакате да бидеме наивни или да се правиме наивни тогаш да веруваме. Тоа е фолклор, суштината е позади завесата, тоа е Резолуцијата која ја имаат склопено во парламентот, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, проф. д-р. Христијан Мицкоски во интервју за Македонско радио.

Мицкоски додаде би било добро министерот за надворешни работи да ги информира пратениците што се преговара со Бугарија, за да се реши спорот.

– Ако ме запрашате што може да направи ВМРО-ДПМНЕ од оние информации со кои што располага, пратеникот Милошоски кој што претседава со Комисијата за надворешни работи во рамките на Собранието веќе има упатено покана до министерот за надворешни работи, господинот Османи, да дојде и пред пратениците да објасни во каква насока ја води дипломатијата и да даде определени детали од договорот што вие го рековте позади завесата за кој што веќе се преговара и лиферуваат определени документи итн. И да каже, и добро е да каже колку пари народни потроши Бучковски патувајќи наваму-натаму изминатава година, затоа што очигледно е дека тие патувања претставуваат мини екскурзии без никаков бенефит за граѓаните, појасни Мицкоски.

Мицкоски посочи дека за потрошените пари од Буџетот за патувања на Бучковски треба некој да сноси и одговорност. Не е во ред да се трошат парите на граѓаните, а да нема никаков ефект.

– Затоа јас би апелирал еве повторно и до господинот Османи да ја прифати поканата на Антонио Милошоски, пратеникот, и да дојде и пред пратениците да зборува за тоа во каков правец оди дипломатијата, до каде е со преговорите, до каде е почетокот на преговорите и првата меѓувладина конференција. Затоа што тоа се прашања на кои што народот се уште нема одговор, нагласи Мицкоски.

Мицкоски укажа дека нема да дозволи за македонскиот идентитет да се преговара на аеродромски фоалеја и врз основа на тие разговори и преговори да зависи идентитетот.

– Секој договор кој што ќе значи било какво начнување повторно на македонскиот идентитет за нас е неприфатлив, рече Мицкоски.