Со имунизацијата се случува фијаско. Власта нема ниту план, ниту визија како да набави вакцини и да отпочне имунизацијата онака како што треба, односно онака како што веќе се реализира во соседните држави, обвини лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Се лажеше дека ќе стигнат вакцини во јануари, па во февруари и гледаме како лагите се исти и понатака, само месеците се менуваат“, рече Мицкоски од денешната посета во општина Петровец.

Тој додаде дека наместо да обезбедат вакцини, тие пресметуваа провизии и крадеа народни пари.

„Ветуваа дека до 15-ти април ќе стигнат над 300.000 вакцини, за потоа да се увериме дека не само што не пристигнаа, туку не биле ни нарачани. Единствените вакцини кои што се во Македонија се подарок и донација од неколку држави“, кажа Мицкоски.