ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за претседателски избори, а доколку парламентарното мнозинство донесе одлука, партијата е подготвена и за предвремени парламентарни избори, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„ВМРО-ДПМНЕ ќе ги издржи сите притисоци, ВМРО-ДПМНЕ од ден на ден е сѐ посилно, ВМРО-ДПМНЕ се подготвува за следниот претседателски изборен циклус, кој ќе се одржи напролет, а доколку парламентарното мнозинство одлучи, ВМРО-ДПМНЕ е подготвено за предвремени или редовни парламентарни избори”, рече Мицкоски, кој во Битола учествуваше на француско-германската комеморација, посветена на 11 Ноември, Ден на примирјето.
Тој уште додаде дека се надева оти многу скоро Република Македонија ќе ја добие заслужената шанса да биде дел од европското семејство, затоа што, како што рече, на крајот од денот, интерес на сите граѓани и на сите политичари е Македонија да успее.
„На конгресот во Хелсинки имав повеќе средби со претставници на сестринските партии, ги информирав за политичкиот прогон на членови на ВМРО-ДПМНЕ, за предизвиците пред кои е исправена партијата ВМРО-ДПМНЕ во Македонија и други актуелни општествено политички теми. Воедно, ја искористивме можноста да побараме од сестринските партии да лобираат Република Македонија што е можно побрзо да стане дел од европското семејство, бидејќи не се битни нашите лични фрустрации или лични кариери, битно е Македонија да успее”, изјави Мицкоски.