Нема ниту една причина повеќе Зоран Заев да биде премиер на Македонија, туку треба веднаш да замине и да се распишат предвремени парламентарни избори, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во Брисел каде присуствува на парламентарното собрание на Европската народна партија.
– Во суштина истата таа причина за која што имаше предвремени избори во 2020-та година сега можеби е уште посилна, бидејќи условот е многу посилен, а тоа е се бара компромис кој што ќе биде на штета на македонскиот народ, на македонската нација, посебност, традиција, јазик, култура, обичај итн, нешто што не беше случај во 2020-та година, бидејќи тогаш блокираше Франција, но блокираше од други причини, а тоа беше методологијата за преговори. Се коригираше методологијата, објективни беа и веќе Франција понатаму не го блокираше процесот, рече Мицкоски.
Тој истакна дена сега Бугарија не блокира затоа што сака буквално да ја начне нашата посебност како народ, нашиот јазик, нашата култура, нашата традиција и обичаи итн, нешто што навистина во 21. век е се, само не е европска вредност.
– Зоран Заев ветува дека се ќе потпише тука кога ќе дојде, во Македонија вели дека тоа не е точно, но таму кога седи на маса за што постојат и белешки од тие разговори, бидејќи заборава дека е премиер, луѓето си прават белешки, и потоа тие прибелешки излегуваат во јавност. Она што можам да порачам е дека не само што има причина, туку јас не гледам ниту една причина зошто да остане на тоа место каде што е таму, односно премиер на Македонија. Така што не треба да гледа причина, треба веднаш да се повлече и да распишеме предвремени парламентарни избори, нагласи Мицкоски.
Инаку, Мицкоски, заедно со потпретседателот Александар Николоски, и секретарот за меѓународна соработка Тимчо Муцунски, денеска во рамки на работната посета на Брисел, остварија средба со Марко Кампоменоси, пратеник во Европскиот парламент и шеф на делегацијата на партијата Лега на Матео Салвини во Европскиот парламент.
Мицкоски со Кампоменоси разговараа за продлабочување на односите помеѓу двете партии и држави, а по што истакна и дека Македонија сакајќи напредок мора да остане на евроинтеграцискиот пат.
-На средбата Мицкоски истакна дека критериумите за отпочнување на преговорите со ЕУ се исполнети уште во 2009 година, а она што е ново за жал е спорот со Бугарија, кој се појави во време кога Зоран Заев е премиер, кој пак тврдеше дека ги затворил сите отворени прашања, а еве гледаме денес за жал токму тој спор претставува непреминлива пречка. И покрај тоа што Македонија има сериозни проблеми со растечкото ниво на корупција, сиромаштијата, и недостатокот на реформи во образованието и здравството, кои што беа главни ветувања на Заев и не ги оствари, сепак сме во Брисел за да побараме одблокирање на Македонија, истакна Мицкоски на средбата, се наведува во соопштението од партијата.