Работа која сакам да ја потенцирам особено овде од Кичево, а која е дел од лудилото и стравот од пораз на СДСМ и ДУИ е онаа брутална кампања која овие денови се води кон ВМРО-ДПМНЕ од страна на Зоран Заев и ДУИ особено во делот од медиумите кои се во албанскиот блок чија задача е да се оцрнува нашата партија, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митингот во Кичево.
„Си велам каква само каша им е во главата кога соочени со страв панично смислувале теми како да нападнат, и бидејќи сите советници на Заев му избегаа зошто постојано ги лажеше, му останаа само оној Филипче и оној Љупчо Николоски – Путерот па им текнало дека ќе разгоруваат етнички тензии и ќе кажат дека ВМРО-ДПМНЕ биле националисти. Па за да го засилат впечатокот ДУИ ќе повика на мобилизација против ВМРО-ДПМНЕ, и сето така тоа ќе биде филувано во дел од новоформирани портали на албански јазик кои е јавна тајна дека се под патрон на еден млад вечен советник, а повремено министер од ДУИ кој пак велат поискусните од мене дека своевремено прв трчал во парламентот да ги гласа владите на ВМРО-ДПМНЕ. И бил често виден гостин во еден скопски хотел во центарот на градот. И нескриено се воодушевувал на сите политики од тоа време, а сега поради пари, пусти пари и моќ дехидрира од плукање врз мене и ВМРО-ДПМНЕ. И во таквиот занес токму Заев, заедно со тие неколкумина околу него подгреваат сосема свесно етнички тензии. Зошто? Само за тоа што фотелјата и тие пусти пари, слава и моќ им се важни“, рече Мицкоски.
Мицкоски додаде дека од власта не знаат реформа да направат. Поради нивната неспособност и желбата по пари умреа над 7.000 граѓани од КОВИД-19. 14 невини луѓе во Тетово живи изгореа поради власта. На власта само парите им се важни.
„Најголем непријател во моментов на етничките односи е СДСМ и ДУИ и тоа е затоа што кога ќе ви кажат дека ги бранат Албанците и Македонците од ВМРО знајте дека го бранат криминалот на ДУИ што го прават сложно со СДСМ. Проблемите и маката на Македонецот е еднаква со таа на Албанецот. Она што треба да се промени се криминалните структури на власта кои профитираат на грбот на обичниот народ. Кичево е пример за тоа каде со години не се развива додека паричниците на тие поединци на власта се зголемуваат постојано. Тие се однесуваат како да вашите гласови ги држат во џеб и се приватна сопственост на конзорциумот ДУИ и СДСМ“, појасни Мицкоски.
Мицкоски потсети дека од власта велеа во ЕУ ќе не носат, ќе формирале ефикасни институции, но наместо тоа тие формираа злосторничко здружување по градови составени од полицајци кои наместо во име на законот да ловат криминалци, тие ловат противници на власта.
„Сега е совршено јасно зошто никој не брка криминалци, затоа што полицијата на Спасовски и Заев се занимава со пишување на казни и на малтретирање на луѓе, за нешто што не го направиле.Таквата дружина раководена од Спасовски се дрзнале полициската служба да ја користат за партиски, наместо за државни цели, еден вид на параполициски структури за партиски цели. Тоа го нема ниту пак во Танзанија“, рече Мицкоски.
Мицкоски посочи дека и поради овие причини кога ќе се слушна Заев како најавува „game change“, народот во недела ќе му испорача „game over“. Ќе има „game over“ за Заев затоа што народот го прочита затоа што дека волкот влакното го менува карактерот не. И затоа што нема „game change“ кога веднаш до него се Венко Филипче во чиј мандат починаа повеќе 7.000 луѓе од корона додека тој трчаше да бара провизии во светот. А, 14 живи изгореа во модуларната болница во Тетово. И додека до него е и Љупче Николовски – Путерот кој е министер за борба против корупција, во најкорумпираната влада во Европа нема да има „game change“.
„Мојата порака до вас е, свесен сум за сето ова кое што го преживувате, но зад параванот сте сами вие и вашата волја, вие и вашата желба за промени. Затоа што промените започнаа, и ајде сега сите заедно да ги финишираме со голема победа во недела на народот на Македонија. Македонци и Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци, леви и десни, да се обединиме и заедно да победиме“, нагласи Мицкоски.
Мицкоски повика на обединување против оваа власт. Излезноста е клучот.
„Излезете и ставете крај на агонијата на власта, ставете крај на поделбите, на конфликтите. Излезете и гласајте во што е можно поголем број. Уште еден чекор не дели до целта“, порача Мицкоски.