-Уште на почетокот ќе бидете сведоци, ќе имаме една огромна странска инвестиција во делот на енергетиката. Таа би требало да се случи уште во првите два три работни дена на новата влада, со што Македонија ќе биде енергетски независна. Зборувам во нето, ќе име периоди од годината кога ќе се увезува, периоди кога ќе извезува, но генерално тоа што го произведува тоа и ќе го троши. Зборувам како бројка, ако 7 терават саати произведува 7 терават саати ќе ги троши. Можеби во одредени периоди во зима ќе увезува, а во одредени периоди во лето ќе извезува, но генерално ќе бидеме избалансирани, што за прв пат ќе ни се случи после раните деведесетите години од минатиот век, изјави Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ и иден премиер Република Македонија во своето гостување во централниот дневник на телевизија Сител и додаде:
-Тоа е огромна инвестиција во обновливата енергија, 400- 450 милиони евра нешто што се нема случено во регионот и тоа претставува мој личен приоритет, час поскоро таа инвестиција да се заврши. Тоа само ќе покаже кои се вистинските намери на оваа влада и јас тука немам никаква дилема дека во тој дух ќе продолжиме.
Мицкоски во текот на своето гостување најави дека следуваат две нови странски инвестиции, проширување на две постојни инвестиции.
-Потоа следат две нови странски инвестиции, проширување на две постојни инвестиции во првите сто дена кои што ќе го прошират својот производствен капацитет и конечно милијардата која што веќе ја најавував, тоа е влада со влада кредит кој што ќе значи голема ликвидност за буџетот и пари кои што ќе бидат наменети за капитални инвестиции, кажа Мицкоски.
Што се однесува до најавеното поскапување на цената на струјата, Мицкоски истакна:
-Сакам да ги уверам граѓаните дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе ја врати цената на струјата со тенденција да ја намали кога ќе почне новиот период на регулирање на цената, а тоа е од први јануари, рече тој.
Но, додаде Мицкоски, сакам исто така да потенцирам „дека универзалниот снабдувач, а кој претходно имаше маржа 11 проценти, сега има маржа 9,9 проценти, што значи дека кога сето тоа ќе се стави во конечната формула очекувам да нема поскапување на цената на електричната енергија за крајните корисници“.
Според Мицкоски друг проблем е што цената на дистрибуцијата, тоа е ниско напонското ниво на кое исто така е ЕВН сопственик и цената на преносот каде е МЕПСО, односно државната компанија МЕПСО се нивелираат еднаш годишно.
„Тоа е на почетокот на годината, не може сега да ги нивелираме односно на пола година. Само цената на електричната енергија со која што компанијата која конкурира на тендерот ја испорачува до снабдувачот може да се нивелира. Тоа е во случајот ЕСМ. ЕСМ нема според закон обврска да испорача 100 проценти, дури нема обврска николку проценти да испорачува. Поентата е дека сето она кое сега се случува може да се корегира и ќе се корегира на први јануари“, вели Мицкоски.
Јас жалам, укажа Мицкоски, што експерти кои велат дека би можела владата сега да прави промени.
„Јас би сакал да слушнам кое е тоа решение и одма ќе го имплементираме ама да не го загрозиме снабдувањето на потрошувачите. Ако се прекине тендерот ќе го загрози снабдувањето на потрошувачите затоа ветувам дека при следно нивелирање на први јануари истата ќе биде вратена со тенденција да ја намалиме“, изјави Мицкоски.