Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, за време на денешната посета во Штип, одговарајќи на новинарско прашање за тоа кога ВМРО-ДПМНЕ ќе ги дефинира кандидатите за градоначалници истакна дека сѐ уште се прават анализи и дека конкуренцијата на квалитетни луѓе е голема, а имињата на кандидатите ќе бидат објавени во периодот кој што следи.

„Бидете трпеливи, во периодот кој што следи ќе ги слушнете имињата за кандидати за градоначалници или градоначалнички низ Македонија. Сѐ уште мериме, анкетираме и се распрашуваме за поедини имиња. Навистина има голема конкуренција, квалитетни луѓе, ќе има многу изненадувања“, одговори Мицкоски.

Тој исто така рече дека очекува ВМРО-ДПМНЕ да победи на локалните избори насекаде во Македонија затоа што гласот за кандидатите на СДСМ е глас за Зоран Заев, а мислењето на граѓаните за Зоран Заев крајно негативно.

„Очекувам ВМРО-ДПМНЕ на следните локални избори жестоко да го порази СДСМ не само тука во Штип туку насекаде во Македонија, затоа што не е гласот за градоначалникот во определена општина туку тоа е глас за Зоран Заев, а мислењето на граѓаните во Македонија е крајно негативно бидејќи тој е најнеомилен политичар кој што функционирал во овие 30 години. Така што граѓаните во Македонија и Штипјани треба да знаат дека нема да биде даден овдека гласот за кандидатот за градоначалник на СДСМ, туку тоа е практично гласот на граѓаните за Зоран Заев, а не за клонот на Зоран Заев овдека во Штип“ истакна Мицкоски.

За тоа дали ВМРО-ДПМНЕ останува на Ставот за предвремени парламентарни заедно со локалните избори, Мицкоски одговори дека оваа најнеуспешна и најкриминална Влада треба час поскоро да си замине дали преку ново парламентарно мнозинство или со предвремени парламентарни избори.