Заев тука во Струмица го почна говорот со поезија, вели “граде што душа ми даде”, јас би додал на сето ова “граде што постојано те краде”, вели претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на митинг во Струмица.

Мицкоски рече дека кога говорел дека има мали Зоранчиња најмногу мислел на Костадин Костадинов, кој како што рече е негова сенка, копија, човек со загубен идентите, целосно потопен во желбата да биде како Зоран Заев.

-Повеќе од една деценија градот е заробеник на една фамилија. Чесните луѓе ги надгласува со купени гласови. А парите се вртат во истиот затворен круг. Владее со уцени, закани и притисоци. И кога го кажувам она за малите Зоранчиња, највеќе мислам на ликот на оној млад, Костадинчо мислам се викаше. Негова сенка, негова копија. Човек со загубен идентитет. Целосно претопен во желбата да биде Зоран Заев. Овој со гордост кажува дека политички ментор му бил Зоки – замислете Зоран да ви е моралното огледало, а вториов па уште го фали колку му бил послушен и себе си се гледал во Костадинчо. Нормално – исти се. Но што добива Струмица од тоа, праша Мицкоски и додаде:

„Струмица е град на искрени и чесни домаќини. Луѓе кои што навистина човек да посака да ги има за свои пријатели. Луѓе кои што заслужуваат промени и најдобро знаат дека Струмица е место каде мора да има развој. Се што ветија а требаше да го сторат изминатите 4 години не го завршија. И затоа тоа нема да го слушнете од говорницата овде од Струмица, затоа што се што ветија излажаа. Така ќе биде и сега Немојте да мислите дека се опаметиле и дека наеднаш ќе почнат да работат. Тие позициите ги гледаат за сосема други нешта, не за народот и не работат за потребите на народот. На последните избори ветија нов средношколски дом, дом за стари лица, дупка не ископаа, а не па да го изградат, транзитен пат околу Струмица, интегриран систем за управување со отпад, мост помеѓу Стара и Нова Струмица во Софилар. Ништо не исполнија од ова. За се излажаа. Така ќе биде и сега. Затоа не им верувајте“.