-Украде кампања, ама не престанува, продолжува да краде работи, па гледам во еден од нивните спотови го ставиле великанот Блаже Конески, човекот кој што викаше дека името ни е свето и сакаат да ни го земат. Тие луѓе го земаа името идентитетот и достоинството и честа и бесрамно се гордеат со тие луѓе. Честита Македонија допрва доаѓа, народот ќе си ја земе во свои раце, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред насобраните граѓани на митингот во Струмица.
-Ја имаме Гордана Силјановска Давкова. Од друга страна го имаме Стево Пендровски избран на мафијашки начин, избор на завидлизмот. Ќе победи коалицијата со народот и професорката Силјановска Давкова, изјави Мицкоски.
Тој пред присутните во Струмица посочи дека на овие избори се одлучува за иднината на Македонија и се нудат два различни концепти. Едниот на СДСМ каде власта се богати на грбот на граѓаните и другиот на ВМРО-ДПМНЕ за богати граѓани и достоинствена, принципиелна и честита Република Македонија.
-Вие нудите иднина откажувајќи сте од минатото, кое што како сидро ве влече не давајќи ни да мрднете милиметар кон иднина, за нас минатото, нашата традиција и обичаи се наша гордост и заедно со нив ќе грабиме кон вистинска европска иднина. Ние со граѓаните комуницираме на начин со тоа што им се обраќаме со браќа и сестри, со добри луѓе, а вие заедно со Стево најпрвин ги нарековте стока, а потоа ги нарековте сурати, истакна Мицкоски.
Мицкоски од жителите на Струмица побара поддршка за професорката Гордана Силјановска Давкова затоа што таа е заштитник на правото и законите, борец против неправдите и секогаш кога Македонија била во искушение таа застанува на браникот на одбрана на идентитетот и татковината, за разлика од Пендаровски и СДСМ, кои, како што рече, крадат и тргуваат со татковината.
Мицкоски се осврна и за неправдите и неисполнетите ветувања на власта, дека ветуваа подобар живот за младите, но ништо не исполнија. -Патриоти се судат по два века казна, а терористи од ИСИС три пати помали казни, на земјоделците загарантиран откуп и повисоки субвенции, а ништо од тоа се нема исполнето и од ветувањата бегаат како ѓавол од темјан. Подготвен сум се што било направен спротивно од волјата на народот, кој работи и греши и подготвен сум да го прифатам на себе, подготвен сум да водам и да понудам решенија за подобра иднина и честита Македонија. Но тоа што било добро и било корисно, а имало илјадници проекти подготвен сум да ги усовршам, проширам надградам да понудам дополнителна иновација и сето тоа да го понудам на граѓаните, кажа Мицкоски.
Потенцираше додека ВМРО-ДПМНЕ легнуваат и се будат со мисла за Македонија, а СДСМ ја распарчуваат.
-Го продадоа името иако се колнеа во најмилото дека тоа нема да го направат, а се срамат и од македонската химна, па уште лажеа дека доцнел авионот, за да признаат дека не сакале да му наштетат на Ципрас во Грција.
Мицкоски побара од граѓаните на Струмица масовно да излезат на 21 април и на 5 мај за победа на професорката Силјановска Давкова, а веднаш потоа за предвремени парламентарни избори за победи ВМРО-ДПМНЕ и Македонија да се врати на вистинските патеки, да дојде победничката зора и правдата во Македонија.