Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска оствари средба со жителите во населено место Велгошти, објавија од партијата.
На средбата претседателот Мицкоски побара поддршка и обединетост од граѓаните за Гордана Силјановска Давкова која што е кандидат за претседател на Република Македонија, како и за кандидатот за градоначалник на општина Охрид д-р Митре Милошевски.
-Мораме да застанеме еден до друг, јас ве молам, човечки е да ве замолам да не поддржите во оваа наша мисија која што е пеколно тешка, но не се плашиме. Влеговме во овој предизвик одлучни како никогаш досега. Ве молам за ваша поддршка, за сплотеност и обединетост околу овие двајца луѓе. Затоа што тоа се честити,стаменити горди Македонци и Македонки кои што ќе го вложат сиот свој човечки интегритет, сиот свој кредибилитет, целата своја биографија за да пеколно работат за охриѓани и за Македонија, посочил Мицкоски.
Тој истакнал дека на Република Македонија како и на Охрид им требаат луѓе кои цврсто ќе застанат со граѓаните и ќе работата во нивен интерес се со цел да им овозможат квалитетен живот, нагласувајќи дека не победуваат побројните, туку победуваат помотивираните и храбрите, а токму Силјановска Давкова и Милошевски се такви.
Да ве потсетам, ниту побројните ниту помоќните победуваат, победуваат помотивираните и храбрите, а јас овде гледам честити мотивирани, храбри луѓе ве молам да ни помогнете, за да можеме сите да си помогнеме и да победиме најпрвин на 21 април овде во Охрид, а потоа и на 5 мај ширум цела Македонија, рекол Мицкоски.
„Бев традиционално во преубавото Охридско Велгошти, во манастирот СВ Петка. Имаше голем број на граѓанин да се видиме, да разговараме, да им ја објсниме визијата за убав Охрид и нашата борба за правда за Македонија. И нашиот кандидат за градоначалник Митре Милошевски и кандидатката за претседателка Гордана Сиљановска Давкова се честити и стаменити луѓе, со план, знаење и искуство“, напиша на Фејсбук, Мицкоски.