Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при неговата посета на Општина Аеродром, одговарајќи на новинарско прашање за став околу барањето на бугарскиот претседател Румен Радев кој побарал писмени гаранции од Макрон Македонија дека ќе го испочитува договореното кон Бугарија, истакна дека барањето на Радев се базира на декларацијата од бугарскиот парламент од ноември 2019 и доколку Владата прифати тоа да влезе во преговарачката рамка би значело комплетна капитулација.
„Да бидеме по прецизни. Тој бара сето тоа кое што е барање на Софија, а тоа барање се темели на декларацијата од бугарскиот парламент од ноември 2019 да биде содржано во преговарачката рамка, најверојатно како поглавје 35. Тоа е тоа што го бара Радев и вели, додека ова не се исполни јас не можам да дозволам да имаме прва меѓувладина и не можам да дозволам почеток на преговори. Тоа е суштината, тие се тие гаранции. Кога станува збор за гаранции морам да кажам дека јас бев тој првиот кој што во Македонија почна да зборува за гаранции и тогаш бев осуден, односно бев нападнат од страна на владата на СДСМ и на ДУИ, но гледаме дека таа работа во таа насока се свижи и секој паметен човек и човек патриот кој што си ја сака својата држава и граѓаните без разлика на нивната припадност, нормално е да има зрела меѓународна политика за разлика од нашата „домат дипломатија“ која што гледаме дека има сериозни осцилации“, истакна Мицкоски.
Тој исто така додаде дека доколку таквото барање влезе во преговарачката рамка ќе значи комплетна капитулација, или во превод асимилација и европска иднина, или никогаш нема да имаме европска иднина и дека ВМРО-ДПМНЕ не ни помислува да поддржи такво нешто во Парламентот.
„Така што ако тоа го прифати оваа влада, тоа значи комплетна капитулација. Да преведам, или асимилација и европска иднина, или никогаш нема да имаме европска иднина. Тоа е изборот, немаме трета опција. Да влезе тоа во преговарачката рамка подразбира, ќе повторам, асимилација и бугаризација сега кога практично и јасно станува дека преку Охридската Архиепископија имаме многувековна различност во однос на бугарскиот и останатите балкански народи, некој сега повторно да не враќа неколку чекори назад и повторно да прави ново предавство и нови отстапки. Тоа ВМРО-ДПМНЕ во Парламентот доколку дојде да се гласа, доколку се потребни две третини, нема намера ниту да помисли да го прифати а камоли за нешто друго. Инаку, Ковачевски и Османи може да си стават потпис на било што они мислат да си стават потпис. Јас го разбирам Османи, но не можам да го разберам Ковачевски“, потенцираше Мицкоски.