Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска изјави дека ништо не очекува од експертската група за уставни измени, но оти ќе очекува одговорност и дека отпочнувањето на постапката нема да успее. Тој не сакаше да го коментира составот на експертите што вчера ги објави Министерството за правда, велејќи дека се срами од „нивниот срам“.
– Експертите? Тие се експерти? Немам што да додадам за семејните стебла во ДУИ и во СДСМ. Се срамам од нивниот срам – рече Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање како ќе го коменира составот на експертите за групата за уставни измени што вчера ги објави Министерството за правда.
Мицкоски вели дека ништо не очекува од оваа група, туку дека неговите очекувања се да не успее првиот чекор во Парламентот, а тоа е отпочнување на постапката и утврдување на потребата за отворање на Уставот.
– Тоа ќе биде уште една политика на Ковачевски која што не успеала и потоа кривична одговорност за оние коишто ќе земаат хонорари од народот, а практично нема да сработат ништо бидејќи нивната работа е беспредметна, така што можам да кажам – еве го повикувам Ковачевски да не биде кукавица веднаш да ја достави иницијативата до Парламентот и пратениците во Парламентот да го дадат својот став по тоа прашање – рече Мицкоски, кој беше на промоција на книга во Социјалистичката партија.
Повтори и, како што кажа, го потврди она што пред него го кажа претседателот на СПМ дека коалицијата „За обнова на Македонија“ која што во Парламентот брои 44 пратеника нема да ја поддржи оваа иницијатива за отворање на Уставот.
– Час поскоро да ја затвориме оваа тема, имаме поважни работи – нѐ крадат при здрави очи, пљачкаат милијарди од народот, здравството ни е катастрофа, децата во школо немаат книги, дајте тоа да зборуваме. Ова треба да го игнорираме и да го затвориме. Ова е уште една политика на Димитар Ковачевски која што ќе биде поразена, а јас ќе повторам за ова ќе има одговорност. Повторно ќе кажам, не знам колку сериозно не разбираат, но за ова ќе има одговорност – рече Мицкоски.
А како изгледа работното тело кое ќе ја крои новата Преамбула во Уставот? Луѓе блиски до власта и ниту еден претставник од македонските и албанските опозициски партии. Меѓу нив професори и поранешни судии чии ставови јасно покажуваат дека го поддржуваат владејачкото мнозинство.
Ана Чупеска – професор на Правен факултет „Јустинијан Први”. Како политиколог јавно пропагираше во корист на промена на уставното име. Тврдеше дека географската одредница никако не го загрозувала идентитетот на Македонците. Еден месец пред Референдумот за името, Чупеска порача „мора да избереме иднина – гласам и за НАСА и за Илон Маск, квантна физика… Да не бидеме дупка во свет полн со предизвици“.
На ова остро рагираа и нејзини колеги:
Онаа што ќе одеше у НАСА со Преспа стасала во Уставна комисија! Чудесии! Како бре не им е срам?! – напиша професорката Билјана Ванковска.
Дел од работната група е и Сали Мурати, кој стана претседател на Уставниот суд за време на владееењето на СДСМ и ДУИ.
Елена Михајлова – која што својата професорка кариера ја започна како асистентка на Љубомир Фрчковски, кој беше кандидат за претседател на Македонија од СДСМ, а и министер за внатрешни работи.
Поранешниот претседател на Уставен суд, Бранко Наумовски кој е татко на екс градоначалникот на О. Ѓорче Петров, Александар Наумовски.
Експертската работна група ќе ја сочинуваат иМаргарита Цаца Николовска – поранешен судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур, Бајрам Положани – професор по уставно право, Јетон Шасивари – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Беса Арифи – професор на Универзитетот на ЈИЕ, Јагода Митревска – професор на Меѓународен Славјански Универзитет и Марија Пандевска – професор на Институт за национална историја.