Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, во интервју за Вечер одговара на прашањето: Како Владата се справува со целокупната состојба?
-Би рекол многу килаво, неуверливо, без поседување на сериозен концепт кој на граѓаните ќе им даде чувство на сигурност дека може бидат спокојни. Во целокупниот период неодлучноста на Владата ги чини граѓаните две работи, првата е здравјето, втората е стандардот. На самиот почеток Владата ја потцени кризата и влезе неподготвена како да не знаеја дека епидемијата е пред врата, дека дошла во Италија или Австрија и таму ќе остане. Потоа, со загубено време и чекор, сега ги лечи последиците. Се чини дека никако не може да фати чекор со состојбите, да ја контролира ситуацијата, и да го заузда неконтролираното празнење на буџетот и дупката која станува се поголема. Се плашам дека влегуваме во грчко должничко сценарио, а Владата очигледно не е ни свесна што се случува ниту пак има потенцијал да најде и примени решенија да не паднеме во економски колапсм истакна тој
Мицкоски вели дека Владата има целосно погрешен пристап, наместо да се стимулира економијата и потрошувачката, Владата го притиска стопанството и се губат приходите на вработените.
-Погледнете и сами, се трошат пари од буџетот за нешто што не создава нови пари, а тоа во економијата е најлошо. Делува дефанзивно, наместо да биде офанзивна. Владата нема своја анализа за сопствената состојба во државата и нема свои решенија туку задоцнето копира туѓи и превзема мерки и политики без да ги има предвид локалните специфики, посочи Мицкоски.