Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар за формирање на новата влада, Христијан Мицкоски, пред почетокот на седницата на Генералното собрание на Заедницата на единиците на локалната самоуправа на Република Македонија (ЗЕЛС), рече дека еден од главните приоритети на новата влада ќе биде здравството.
Во одговор на новинарско прашање поврзано со случувањата во Клинички центар, Мицкоски изрази жалење што граѓаните се соочуваат со проблеми, за кои рече „мислевме дека се дел од минатиот век“ и порача дека ќе има одговорност.
– Еден од клучните приоритети ќе ни биде здравството, има многу приоритети, но еден од клучните приоритети ќе ни биде здравството. Секој од нас на секојдневна основа има контакт со здравството и жалам што ова им се случува на македонските граѓани, во 21 век пациентите да ни умираат во ходници или да се случуваат инфекции кои мислевме дека се минато и се дел од минатиот век. За ова ќе има одговорност – рече Мицкоски.
Посочи дека во минатото како опозиција постојано укажувале на слабостите на македонското здравство, но како што рече, тогашната актуелна власт таквите предупредувања ги толкувала како политиканство и бркање на политички поени.
– Еден од главните приоритети ќе ни биде решавање на овој проблем. Жал ми е што сѐ што зборувавме во минатото излезе точно и жал ми е што од страна на малкумина, кои што сѐ уште се дел од актуелната власт, беше протолкувано како политиканство, ниски страсти и бркање на политички поени, наместо да ги засукаат ракавите и да се зафатат за работа. Ќе ве потсетам на случајот за Онкологија кога предупредувавме на многу од акутните проблеми којшто ги има македонското здравство, но за жал од страна на тогаш се уште актуелното мнозинство не наидовме на разбирање, но сега тоа е позади нас – рече Мицкоски.
Тој воедно најави и измени во здравството кои се однесуваат на медицинските и економските директори во болниците во земајва.
– Еве можам да ви кажам дека идната влада нема да има повеќе организациски или т.н. економски директори во здравствените установи низ Македонија, со што за стотина функционери ќе биде помала администрацијата. Исто така можам да ви кажам дека се работи и дека веднаш по формирањето на владата ќе почне да се работи на уште едно ветување коешто е заедничко со идните коалициски партнери, а тоа е еден Клинички центар, што значи дека ќе имаме уште педесетина функционери помалку. При формирањето на управните одбори имаме согласност таа бројка да биде за 20 проценти намалена од таа којашто беше досега. Следен чекор е укинување на позицијата онаму каде што постои заменик (директор) и нормално уште еден чекор, а тоа е намалување на бројот на пратениците во парламентот, но за тоа е потребно отворање на Уставот, од 120 на 90 – изјави Мицкоски.