Зоран Заев е виновен затоа што тој во исто време е премиер, обвинител и судија. Виновен е затоа што е главен рекетар, преговарач, главен забавувач кога се во прашање гафовите, но и трговец со витални органи на нашата Македонија, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од вечерашниот марш на ВМРО-ДПМНЕ.
-И едно досега научивме, на човекот не му е тешко да украде, да изглуми, да се посрамоти, но само не му барајте да биде чесен, затоа што е нечесен од глава до пети. А и најлесно му е да излаже. Затоа што тоа покрај крадењето тоа го прави најдобро. Аудио материјалот покажува дека тој пука во чело на правдата, ама онака ладнокрвно, со умисла и без каење. Со тој неправилен граматички, но разбирлив јазик слушнавме како ја егзекутира правдата, што би рекол “трас-трас” А правдата умира бавно, споро. Затоа што Заев нема допрено нешто, а да нема контаминирано, истакна Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ го нарече Заев правдоубиец во државата.
-И нема мака пред камерите лажно да се прикажува дека бил европски политичар, кој еве гледаме уште железни опинци не облекол, дека градел едно општество за сите, дека е визионер. Човек гледа и не може да се изначуди. Каква визија какви бакрачи. Чувме во аудио материјалот што е реалноста, да цитирам ли: “договорено е со Врховен”, “без Заев не се може”, “трас-трас и ете одлука на Врховен суд”, “Катица знае за се што треба да се случи”, или закон за СЈО или одлука на Врховен суд ама случаите ќе паднат. Ете тоа е вистината, посочи Мицкоски.