Зголемувањето на личниот доход подразбира за сите, вклучително и за техничкиот персонал и сите оние кои што не се наставници и професори средното и основното образование“, вели претседателот на Владата, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на договорот за покачување на платите во образованието.
Премиерот Мицкоски рече дека вработените во образованието ќе земат октомвриска плата со покачување од 5 проценти, додавајќи дека до 2028 година платите ќе пораснат за минимум 46 проценти а може и повеќе во зависност од состојбата на буџетот.
„Ќе ги потсетам сите оние кои се вработени во образованието дека октомвриската плата која ќе биде исплатена сега во ноември ќе биде повисока за 5 проценти. Потоа, почнувајќи од мартовската плата 2025 година која ќе биде исплатена во април 2025 година 7 проценти дополнително зголемување. Од март 2026 година помеѓу 7 и пол до 10 проценти во зависност од состојбата во буџетот. Март 2027 година повторно помеѓу 7 и пол до 10 проценти и март 2028 година помеѓу 10 и 12,5 проценти, или минимум 46 проценти поголема плата ќе имаат наставниците во основното и професорите во средното образование споредбено со сега. Значи минимум, а може и повеќе да биде во зависност од состојбата на буџетот“, дециден е Мицкоски.
Премиерот Мицкоски нагласи дека после покачување на пензиите, програмите за млади, договорот со СОНК за повисоки плати во образованието, следува и покачување на платите во здравството, посочувајќи дека примарен интерес на Владата се граѓаните.
„Ова е историско нешто кое до сега не било направено. Исто така и Колективниот договор ќе се прави. Значи после пензиите, после оние програми за младите, после консолидирањето на исплатата на субвенциите на земјоделците, сега е и овој договор со СОНК за вработените во образованието. Ќе следи за вработените во здравството итн. сето она кое што како приоритет ќе биде пред нас. Но, ќе има за сите, бидејќи интересот на граѓаните е примарен интерес на оваа Влада“, истакна претседателот на Владата Мицкоски.