Од сабота наутро Грција влегува во целосен, втор карантин во траење од три седмици, а отворени ќе останат градинките, забавиштата и основните училишта, јави дописничката на МИА од Атина.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис заедно со шефот на Комисијата на епидемиолози во Министерството за здравство на Грција, професорот Сотирис Циодрас, на прес конференција, што е во тек, ги соопштуваат новите мерки за справување со епидемијата.
-Како што знаете донесовме одлука од сабота во 6 часот наутро, откажување активности, кои ќе трае три седмици до 30 ноември, истакна Мицотакис.
Исто како и за време на првиот карантин, движењето за граѓаните ќе биде само за конкретни причини и само со претходно испратена смс порака.
Отворени, освен градинките и основните училиштата, ќе бидат и супермаркетите, аптеките, бензинските станици, а сѐ останато е затворено, средните училишта, универзитетите, продавниците, фризерски салони, фитнес центрите, кафулињата и рестораните итн.
Новиот локдаун доаѓа по драстичното зголемување на бројот на нови случаи на дневно ниво, како и на бројот на пациенти приклучени на апарати и зголемениот притисок врз здравствениот систем.
Мицотакис рече дека во изминатите пет дена има агресивно зголемување на новозаразените, односно како што истакна, „речиси 10.000 случаи за пет дена“, а додаде дека има и големо зголемување на хоспитализираните и на пациентите приклучени на апрати.
-Овој бран треба да го запреме, истакна грчкиот премиер.
Во периодот од 23 март до 4 мај годинава Грција беше во целосен карантин.
По прес конференцијата на Мицотакис и Циодрас, во 15 часот по локално време министерот за финансии на Грција ќе презентира пакет мерки за економска поддршка, додека пак заменик-министерот за цивилна заштита заедно со заменик-министерот за здравство и генералниот секретар за трговија и заштита на потрошувачи ќе го презентираат начинот на имплементација на мерките.