Од април очекуваме многу повеќе испораки на вакцини и оценуваме дека ќе бидеме доследни на нашата обврска, до крајот на април, најдоцна до почетокот на мај, да ги вакцинираме со најмалку една доза сите наши сограѓани над 60 години, кои сакаат да се вакцинираат и нашите сограѓани кои имаат сериозни болести, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на посетата на новиот мега центар за вакцинација што в четврток ќе почне со работа, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис истакна дека „масовната имунизација ќе овозможи да ја вратиме контролата врз нашите животи“ и додаде дека на ниво на Европската Унија лично тој извршил голем притисок врз фармацевтските компании да бидат точни во нивните обврски.
– Европа мора да ги искористи сите средства што ѝ се на располагање за да гарантира дека европските граѓани ги добијат вакцините за кои се обврзаа големите фармацевтски компании, посочи Мицотакис.
Тој говорејќи за здравствениот систем во земјата, истакна дека издржа и покрај притисокот, особено во областа Атика.
Генералниот секретар во Министерството за здравство на Грција Мариос Темистоклеус наведе дека досега надминати се 1,5 милиони вакцинации, а од 1 април со зголемиот број испораки, земјата ќе влезе во втората фаза од процесот „Слобода“.
Новиот мега центар за вакцинација, што ќе започне со работа на 1 април. Тој е во западниот дел на Атина, и се наоѓа во објект за саем и има капацитет за 96 центри за вакцинација, а во првата фаза ќе работат 24 од нив.