Уште еднаш треба да истакнам дека вакцината ќе биде бесплатна од државата, нема да биде задолжителна, но се потпираме на здравиот разум на нашите сограѓани, но главно на советите од експертите, лекарите, да охрабриме што е можно повеќе наши сограѓани да се вакцинираат во јануари, кога ќе започне големата програма за вакцинација, рече грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис за време на посета на солунска болница, јави дописничката на МИА од Атина.
Мицотакис денеска е во Солун, каде што остварува средби во болниците што се под притисок поради големиот број заразени со Ковид-19, но истакна дека и покрај притисокот, националниот систем издржува.
Објасни дека сликата постепено се стабилизира, со позитивен биланс меѓу примени и отпуштени од болниците, „што значи дека се намалува притисокот врз националниот здравствен систем“.
-Знаеме дека пред нас ќе имаме уште една до две многу тешки седмици, но исто така знаеме дека кога ќе почнеме да излегуваме од режимот на строги ограничувања, ќе мора да бидеме двојно претпазливи. Бидејќи, да бидеме искрени, летово не го сторивме тоа. Верувам дека сите сносиме одговорност и јас бев првиот што го призна делот од одговорноста што ѝ припаѓа на државата, но не смееме да заборавиме дека индивидуалните однесувања се тие што го одредуваат темпото на ширење на пандемијата, истакна Мицотакис.
Порача дека годинава божиќните празници ќе бидат поразлични, во тесниот круг на семејството.