Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис рече дека Европската Унија треба да понуди интеграција на сите шест земји од Западен Балкан во Европската унија до 2033 година, што според него е „храбар, но неопходен чекор“.

Во написот за „Политико“ пред самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа (ПСЈИЕ) во Грција, Мицотакис рече дека ЕУ мора да докаже дека кога „поставува визија, има намера и капацитет да ја спроведе“.

Визијата на ЕУ за регионот стана „матна и бледа во очите на фрустрираните и разочарани граѓани“ бидејќи процесот на проширување на ЕУ е закочен во последните години поради загриженоста за безбедноста, управувањето и миграцијата, рече Мицотакис.

Самитот ЕУ-Западен Балкан е закажан за 23-ти јуни.

„Мојата порака денес е јасна. Во согласност со поставените критериуми, нудиме интеграција на целиот Западен Балкан во ЕУ до 2033 година, што е амбициозна, но остварлива временска рамка. Веќе е доцна“, рече Мицотакис.

„Првиот чекор мора да биде одлука за две недели во Брисел за деблокирање на (европскиот) пат на Македонија и Албанија“, додаде тој.

Иницијативата на Мицотакис сугерира дека Грција се обидува да ја зајакне својата улога на Балканот откако излезе од финансиската криза што го наруши нејзиниот имиџ.