Во ноември годинава се очекува во Солун свечено да биде пуштена во употреба главната линија на метрото во градот, како што денеска соопшти грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, говорејќи на настан на кој беше презентирана студијата за проширување на солунското метро, јави дописничката на МИА од Атина.
-За шест месеци од сега ќе можеме да им го предадеме на граѓаните на Солун, но и на посетителите, веројатно најмодерното и сигурно најубавото метро од кој било друг европски град, порача Мицотаки и истакна дека конечно метрото во Солун станува реалност.
Врз основа на планот, главната линија на солунското метро ќе биде долга 9,6 километри и ќе има 13 модерни станици, а продолжувањето до Каламарија, кое е во изградба и се очекува да заврши во втората половина на следната година, ќе додаде на мрежата уште 4,8 километри пруга и пет станици.
Според процените на компанијата „Грчко Метро“, по завршувањето на доградбата до Каламарија, метрото дневно ќе опслужува околу 313.000 патници, додека сообраќајот на солунските улици ќе се намали за околу 57.000 возила. (МИА)