За Божиќ ќе бидеме со нашето семејство, со уште едно семејство, девет лица максимум, ова се правилата и треба да ги почитуваме за пред сè да се заштитиме самите и луѓето кои што ги сакаме, изјави вели грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во интервјуто за телевизијата „Алфа“, јави дописничката на МИА од Атина.

Говорејќи за вакцината повтори дека лично тој, заедно со претседателката на државата ќе бидат првите или меѓу првите кои ќе се вакцинираат и уште еднаш повтори дека е отворена поканата до лидерите на политичките партии да им се придружат, а според неговите процени, вакцината во Грција ќе пристигне во првите денови од 2021 година.

– Оценувам дека на 30 декември, според последните информации што ги имаме, Европската агенција за лекови ќе ја одобри првата вакцина на Фајзер. Веднаш потоа ќе започне дистрибуцијата, вакцината постои, готова е во овој моментот и проценувам дека во рок од 48 часа ќе ја имаме во нашата земја и веднаш ќе почнат вакцинациите, објасни Мицотакис.

За да ја истакне важноста и безбедноста на вакцините, грчкиот премиер ја раскажа неговата лична приказна поврзана со мајка му, која во 1944 година и се заразила со полиомиелитис, била делумно парализирана и по извршени операции во САД успеала повторно да оди.

– Денес, полиомиелитис не постои бидејќи сите сме вакцинирани. Како што не постојат други опасни болести, кои всушност исчезнаа од здравствената мапа, токму поради тоа што функционираат вакцините. Сигурен сум дека истото ќе се случи и со вакцината за Ковид, истакна Мицотакис.

Во однос на следните чекори на Владата и олабавувањето на рестриктивните мерки, рече дека она што е сега важно е да не се урне здравствениот систем и упати повик до граѓаните за почитување на мерките особено за време на новогодишните и божиќните празници, за да се избегне евентуален трет бран.

Мицотакис објасни дека од проверката на контактите на позитивните случаи, било констатирано дека ноќниот живот во земјата бил извор за ширење на коронавирусот и затоа, не е исклучена можноста ноќните клубови да останат затворени дури и до Велигден.

– Ако ме прашувате, со рака на срце, дали верувам дека ноќниот живот ќе функционира додека да стигнеме до точка да имаме масовен имунитет на населението, ќе ви кажам дека веројатно е дека нема да функционира, истакна Мицотакис.

Тој уште еднаш повтори дека не постојат никакви индикации дека туризмот е поврзан со вториот бран од пандемијата, но рече дека она што од оваа гледна точка, во текот на летото требало да заземе построг став во јавните пораки дека пандемијата ќе се врати, бидејќи сите верувале дека „некако како да помина сѐ“ и вториот бран, на некој начин, ги фатил  неподготвени.

Мицотакис во интервјуто ја коментираше и фотографијата што предизвика реакции во Грција на која е фотографиран со уште неколку лица, граѓани кои побарале да се сликаат со него додека возел велосипед на планина во близина на Атина, а никој од нив не носи маска.

– Погрешно беше што прифатив да се фотографирам без маска, не беше погрешно што отидов со велосипед, рече грчкиот премиер во интервјуто.