Обвинителство прави обид да го задржи Мијалков на обвинителна клупа. Наместо за злоупотреба на службената положба, сега за случајот Трезор, ќе го гони за пречекорување на овластувањата. Измените во Кривичниот законик ја застареле злоупотребата, па на денешното судење, обвинителот Трајче Пеливанов, го промени обвинението. Му кажа на Мијалков дека со набавката на опремата за прислушување, ги пречекорил службените овластувања кои ги имал како прв човек на УБК.
„Во диспозитивот на обвинителниот акт, вршам прецизирање согласно измените во Кривичниот законик на начин што, наместо зборовите ја искористиле службената положба и овластување, да стојат зборовите, презеле службено дејствие со кое ги пречекориле границите на своите службени овластувања“ изјави Трајче Пеливанов, Јавен обвините.
Адвокатите на Мијалков, сметаат дека потегот на обвинителството е апсурден. Велат, тоа е незаконски обид за спас на предметот, а препознаваат и прогон на обвинетите. Бараат да се констатира застареност на Трезор.
Дали ќе продолжи судењето за Мијалков, ќе се знае по две недели. Судот му даде рок на обвинителството до понаредниот петок да каже дали го прифаќа предлогот на одбраната да се утврди застареност заради измените во кривичниот законик.
Трезор е последниот предмет во кој се гони екс директорот на УБК. Претходно, му застаре делото за масовното прислушување, а ослободителна пресуда доби за апсењето на Љубе Бошковски. Во моментов, Мијалков во Струга издржува затворска казна од три години за случајот Империја.