Џенаро Гатузо е подготвен да го напушти Милан дури и ако успее да го квалификува тимот за Лигата на шампионите.
Веста е на авторитетното издание „Газета дело Спорт“.
Таа доаѓа во пресрет на денешното дерби (од 18 часот) меѓу „росонерите“ и Јувентус од 31-то коло на Серија „А“, што може да има клучно значење за тоа дали гигантот од Милано ќе ја постигне посакуваната цел. Во моментов, Милан е на 4 место со 52 поени, на само еден пред петтата Аталанта. Јуве води на табелата со импресивни 81 поени и ако денес победи, а вториот Наполи (63) загуби во неделата против Џенова, тој ќе стане шампион на 7 круга пред крајот.
На Апенините не очекуваат негативниот резултат против тимот од Торино да има директно влијание врз судбината на Гатузо, бидејќи и онака Милан влегува во дуелот како аутсајдер. Сепак, „Газета“ вели дека стратегот сериозно размислува дали да го напушти клубот и покрај преостанатите 2 години од договорот.
Причината е што 41-годишниот стратег е уморен од постојаните гласини дека ќе биде отпуштен ако не постигне пласман во топ 4. Од неодамна се шпекулира и дека дури и тоа може да не е доволно за да го остави на чело.
Гатузо чувствува дека има само привидна поддршка од одборот на директори, а во последно време односите помеѓу него и спортскиот директор Леонардо се многу напнати. Италијанецот не е фасциниран од тоа колку малку шефот го брани во јавниот простор.
Италијанското издание тврди дека Гатузо е решен на конечен чекор и покрај фактот дека тој нема друга понуда пред него. Тој е подготвен да замине за да остане верен на неговите принципи, а не да стане жртвено јагне.