Аргентинскиот претседател Хавиер Милеи во понеделникот побара од владината канцеларија за борба против корупцијата да истражи дали има неправилности во однесувањето на членовите на владата, вклучително и неговото, поврзани со лажна криптовалута што ја промовираше на мрежата Х.

Милеи повика на истрага откако четворица политичари поднесоа тужба против него, обвинувајќи го за учество во „мега-измама“ за промовирање на криптовалутата Libra, поради што 40.000 Аргентинци загубија вкупно 4 милијарди долари, пренесува RTVE.

Минатиот петок, Милеи ја промовираше криптовалутата LIBRA, велејќи дека тоа ќе помогне „да го поттикне растот на аргентинската економија“, пред да ја избрише објавата на X, според шпанскиот јавен сервис.

Оваа криптовалута работи со блокчејн, децентрализирана технологија која овозможува трансакции без потреба од посредници. Неколку економисти истакнаа дека ова е можна измама, бидејќи 80 проценти од токените (од секоја дигитална валута) се концентрирани во само пет паричници.

Оваа криптовалута е всушност „мим-монета“, односно криптовалута создадена за забава или интернет трендови, а таквите валути се карактеризираат со недостаток на тежина во реалната економија.