Повреден од предвременото завршување на амбасадорскиот мандат во Букурешт, кој му го подари Заев, Жерновски повторно држи лекции за дипломатија. За дебакли, за европски интеграции, за идентитет и интегритет. А истиот човек, за жал, аплаудираше на склучувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, ги фалеше протоколите потпишани од МНР Османи, а токму овие документи ја доведоа Македонија во потчинета положба, особено кон Бугарија, давајќи и легална основа за злоупотреба на ветото во рамките на ЕУ, посочува Антонијо Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Пред дипломатијата, за која Жерновски сега глуми сезнајко, истиот беше претседател на ЛДП и остана запаметен по “експертската” изјава дека ќе се срушела северната трибина на националниот спортски стадион, кој и тогаш и сега остана да биде капитален проект кој е гордост за сите спортисти и навивачи. Но, ваквите “експертизи” на Жерновски речиси секогаш се паушални, бидејќи тој зад себе ниту како градоначалник на Центар, ниту како заменик министер за надворешни работи, не оставил ниту еден капитален проект. Единствениот “капитален проект” му беше трансферот од ЛДП во СДСМ, за да ја добие функцијата заменик министер за надворешни работи. Затоа, за интегритет е несоодветно да дели лекции оној кој си ја продаде партијата ЛДП, за функција доделена од СДСМ. А дали нешто направил како градоначалник на Центар повеќе може да ви објасни Мирослав Шиповиќ, поранешниот претседател на Советот на оваа општина. Жерновски го нарекува „дебакл“ тоа што Комисијата за надворешни работи во ЕУ-Парламентот– со широко мнозинство – усвои извештај во кој без фусноти, без загради и без наведнати глави, се потврдува македонскиот јазик, македонскиот идентитет и европскиот пат на Македонија. Ова е респектабилен дипломатски успех на Македонија и сериозен обид да се поправат значителните штети кои претходно ги направија Заев, Маричиќ, Османи и другите функционери на кои Жерновски сервилно им аплаудираше од заменичкото место во МНР, вели Милошоски.

„Кога СДСМ и ДУИ беа на власт, европските документи беа полни со додавки, фусноти, и дипломатски порази. За разлика од тогаш сега зборуваме за достоинствено претставување на Македонија и во Берлин, и во Париз, и во Вашингтон, и во Лондон, во Будимпешта, во Анкара, и се разбира во Европскиот парламент во Брисел. Денес на меѓународна сцена и премиерот, и претседателката на државата и министерот за надворешни зборуваат усогласено и аргументирано за државните и за македонските интереси“, вели тој.

-Македонија нема потреба веќе видените „партиски прелетачи” како Жерновски да глумат експерти. Народот одамна ве препозна кои сте и пред една година ви даде јасна порака што мисли за вас, за Заев и за Фрчкоски. Времето кога вие ја претставувавте Македонија – заврши. Наградно прашање: Кој капитален проект точно остана зад Андреј Жерновски – освен прелетувањето од ЛДП во СДСМ, за да добие фотелја како заменик министер? – пишува тој.