Техничката влада видовме дека ќе ја води првиот човек на Собранието Талат Џафери, човек кој не го почитува Деловникот за работа на Собранието, законите и би било неодговорно да им оставиме празен простор за да паднат во искушение да прават манипулации пред изборите, рече Антонио Милошоски, пратеник и член на Извршниот комитет на ВМРО ДПМНЕ на вечерашното гостување во телевизија 24.
Милошоски информираше дека конечната одлука ќе ја донесат партиските органи и додаде „добро е да номинираме членови во техничката влада, не со цел да дадеме легитимитет, туку да ги превенираме нивните манипулации“.
„Стоиме на ставот дека техничката влада не создава поголема доверба, туку поголема поларизација. Дополнително сакавме да провериме колку СДСМ ги почитува своите предизборни ветувања, тие пред избори ветија укинување на техничка влада и тоа не го исполнија, како и многу други работи и ние гледаме дека и ова како многу други не ги почитува и третата поента е да видиме колку СДСМ е потчинета во однос на ДУИ, предложивме да нема техничка влада, но очигледно е дека главен играч не е СДСМ, туку ДУИ“, рече Милошоски.
Според Милошоски ЕУ има замор од проширување, а дома одговорност треба да чувствува тој што подал или неподал рака за решавање на прашањата поврзани со евроинтеграците.
„Претседателот Мицкоски во април 2022 година предложи формирање на работни групи за економија, за здравство, за образование и една за евроинтеграциите како и прашањето со Бугарија, се со цел да утврдиме заеднички нешто што може или не да се испорача. Но, власта беше толку арогантна што следниот ден го одбија тој предлог и кажаа дека се доволни тие како дел од Владата да се носат со евроинтеграциите и прашањето со Бугарија“, кажа Милошоски.
Милошоски укажа дека доколку се прифатеше предлогот на ВМРО – ДПМНЕ се ќе беше се поинаку.
„Затоа ние сметаме дека едно вакво билатерално уценување не е потребно да е дел од преговарачката рамка. Да се прифатеше предлогот на ВМРО-ДПМНЕ државата немаше да дојде до момент што не може да го испорача. И сега власта која не убедува дека смена на уставно име е доволен критериум за старт на преговори со ЕУ. И оваа власт го прифаќа условот за менување на Устав без гаранција дека ќе стигне Македонија до полноправно членство“, кажа Милошски.
Според него ако на домашно поле има консултација меѓу власта и опозицијата за национални интереси и се отфрли предлог кој нема врска со копенхашките критериуми и во ЕУ ќе не третираат посериозно.
„Оваа власт лесно прифаќа промена на Устав, а не прифаќа борба против корупција, реформи во образование, здравство и слично“, кажа Милошоски.