Потпретседателот на Собранието и пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, кој беше дел од работната група за измени на Изборниот законик, денеска објави дека Левицата, чии претставници учествуваа во изготвувањето на предлог-законското решение, не сакаат да го потпишат, иако добар дел од нивните предлози бил вграден во предлог-измените за што постојат записници.

Милошоски вели дека предлог-измените на Изборниот законик ќе бидат поднесени со сите усогласени измени според препораките на ОБСЕ/ОДИХР, но без измените во членот 76-д, кој се однесува на средства за изборно рекламирање, за што Левицата треба да поднесе амандман.

– За овој член ќе биде оставена можност Левицата да поднесе амандман според усогласениот компромис, кој го предложи на работната група, и ќе биде поддржан. Она што е договорено чесно е да се почитува, без разлика што копредлагач за распределбата на буџетските средства за рекламирање беше Левицата. Не е коректно на работните средби да се бараат буџетски пари за рекламирање, а во јавноста да се глуми девственост и жртва на наводен заговор – пишува Милошоски на „Фејсбук“.

Темата за измени на Изборниот законик, како што наведува, беше отворена на лидерската средба во јануари оваа година. Сите партии/коалиции, освен отсутниот СДСМ, се согласија дека според реформската агенда до крајот на јуни ќе се поднесат предлог-измените на Изборниот законик, со вметнување на препораките на ОДИХР. И ВМРО-ДПМНЕ, и ДУИ, и „Влен“, и Левицата го потврдија овој став. Во согласност со овој став од лидерската средба на 9 март, во Министерството за правда почнаа состаноците на работната група за измени на Изборниот законик, со претставници од сите политички партии, со тоа што СДСМ потоа донесе одлука да се повлече од овие разговори. Се работеше по препораките на ОДИХР, врз основа на кои партиите даваа свои предлози за измени на Изборниот законик. За голем дел од дискусиите беше постигнат компромис и добар дел од предлозите на Левицата беше вграден во предлог-измените за што постојат записници – пишува Милошоски на „Фејсбук“.

Тема што предизвика поголем интерес на работните средби бил членот 76-д, што се однесува на средства за изборно рекламирање, за кој од ВМРО-ДПМНЕ дале предлог соодносот на бројот на пратеници да биде објективен критериум за користење на 97 % од овие средства, а 3 % да бидат на располагање на партиите што немаат пратеници во Собранието, но за него не бил постигнат консензус. Согласност била постигната за предлог што го дале ДУИ и Левицата.

– Две партии не се согласија со овој предлог и за него не се постигна консензус. Го прифативме тоа како реалност и продолживме прагматично да разговараме со цел да се дојде до консензус. Потоа на темата средства за изборно рекламирање со конкретни предлози и проценти излегоа ДУИ и Левицата, при што на крајот сите други партии се согласија на компромисот кој произлезе од овие два предлози, а истиот гласеше: 42% за двете најголеми партии од позицијата, 42% за двете најголеми партии од опозицијата, 8% за партиите кои имаат пратенички групи, а не се меѓу четирите најголеми, 5% за партиите кои немаат пратенички групи и 3% за вонпарламентарните партии/ група избирачи. Никаков заговор, никакви интриги. Напротив, Левица како ко-предлагач на ова решение даде сериозен придонес во буџетската распределба на средствата. Прифаќањето на овој предлог беше нотирано во записникот на Министерството за правда – наведува Милошоски.

Но, иако беа ко-предлагачи на ова решение, потенцира Милошоски, денеска пратениците Крмов и Реџеп Исмаил известиле дека нема да бидат потписници на предлог измените на Изборниот законик, иако на тоа се согласија и на лидерската средба и за време на состаноците на Работната група во министерството за правда.

– Поточно, побараа пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН, ДУИ и ЗНАМ да го поднесат предлогот за измени на Изборниот законик, да го изгласаат, со напомена дека доколку Левица ги добие побараните пари за изборно рекламирање, ветуваат дека нема да го блокираат законот. Многу непринципиелно одбегнување да се превземе одговорноста за законски измени во чие подготвување учествуваше токму Левица. Затоа, предлог измените на Изборниот законик ќе бидат поднесени, со сите усогласени измени според препораките на ОДИХР, но без измените во членот 76-д. За овој член ќе биде оставена можност Левица да поднесе амандман според усогласениот компромис кој го предложија на Работната група и истиот ќе биде поддржан. Тоа што е договорено, чесно е да се испочитува, без разлика што ко-предлагач за распределбата на буџетските средства за рекламирање беше Левица. Не е коректно на работните средби да се бараат буџетски пари за рекламирање, а во јавноста да се глуми девственост и жртва на наводен заговор- објаснува Милошоски.

ФОТО: Архива