Христијан Мицкоски формално ќе ја следи новата реалност, но во јавните настапи ќе го користи единствено терминот „Македонија“ – велат дел од функционерите на ВМРО-ДПМНЕ. Ова следува откако грчкиот премиер Киријакос Мицотакис вчера повика Мицкоски јасно да кажел дека името на државата е Северна Македонија. За разлика од грчките власти, поранешниот министер за надворешни работи и пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски вели дека со користењето на терминот „Македонија“ не се прекршува Преспанскиот договор.
„Господинот Мицкоски, како и претседателката Сиљановска Давкова, напоменаа дека формално-правните текови на комуникација ќе ги следат врз основа на новата реалност, а во однос на колоквијалната употреба во нивните јавни настапи ќе го користат терминот „Македонија“, што сметам дека не е спротивно на членот 7 од Преспанскиот договор, каде е јасно дефинирано дека секоја од страните може да го користи и терминот „Македонија“ и терминот „македонски“ – рече Милошоски.
Мицотакис воедно истакна дека прашањето ќе го покрене и на претстојниот Самит на НАТО во Вашингтон, кој е закажан на средината на јули, но сепак, како што додаде, се надева дека кај властите во Скопје ќе преовлада логиката. Милошоски пак, оценува дека прашањето околу Преспанскиот договор во Грција е покренато поради претстојните избори кај соседите, а на темата за Македонија политички поени се обидуваат да придобијат и Мицотакис и опозицијата.
„Во однос на Северноатлантската алијанса, како Грција, така и Македонија, двете земји се членки и никој не може никого да отчлени од оваа воено-политичка Алијанса. Доколку Грција смета дека дипломатскиот и политички капитал треба да го троши на ова нешто, тоа е нивна проценка.“ – изјави Милошоски.
Во однос на чекорите на новата власт во земјава во однос на односите со Грција, Милошоски очекува Македонија да го покрене прашањето за ратификување во грчкото Собрание на трите билатерални протоколи – за економска соработка, за воздушниот простор и за евроинтеграции. Мицотакис пак, неодамна кажа дека протоколите нема да бидат усвоено додека Скопје не го почитува доследно Преспанскиот договор и воедно ја отвори можноста за нова блокада на патот кон членството во Европската Унија.