Членот на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Антонио Милошоски, на денешната прес-конференција изјави дека, сака да ја потенцира важноста на месец јули и за Македонија, но и за проценките коишто Европската комисија ги прави за сите земји кандидати. Според информациите со кои располага партијата, Европската комисија ќе даде позитивна оценка за спроведувањето на Реформската агенда од страна на Македонија.

Според Милошоски, Македонија, заедно со Албанија и Црна Гора, е меѓу земјите кандидати кои бележат напредок во исполнувањето на реформските обврски, додека дел од останатите земји од регионот заостануваат во спроведувањето на Планот за раст на Европската комисија.

Тој оцени дека ваквата оценка претставува потврда за успешно спроведените реформи, но и демант на, како што рече, тврдењата на претседателот на СДС, Венко Филипче, дека државата не ги исполнува реформските цели.

Во своето обраќање, Милошоски упати повик до СДС да даде поддршка за усвојување на Изборниот законик, посочувајќи дека тој е дел од Реформската агенда и дека предложените решенија се резултат на консензус постигнат во работната група при Министерството за правда, во согласност со препораките на ОБСЕ и ОДИХР.

Тој ја поздрави и заложбата на Европската комисија распределбата на финансиските средства за земјите кандидати да биде поврзана со исполнувањето на реформските обврски, изразувајќи очекување дека во текот на јули ќе има предлог дел од средствата да бидат пренаменети кон земјите кои покажуваат најдобри резултати во спроведувањето на реформите.

На крајот, Милошоски упати благодарност до Делегацијата на Европската Унија во Скопје, амбасадорот Михалис Рокас и неговиот тим за, како што рече, континуираната поддршка и соработка со македонските институции во спроведувањето на Реформската агенда.