Денешната прес конференција е поврзана со уште едно предавство во најава, кое што овој пат го спремаат тандемот Заев и Бучковски. За разлика од она што од пред неколку години го спремија Заев и Никола Димитров, сега во главна улога како извршител на Заев е Владо Бучковски. За тоа би сакале да повикаме Заев и Бучковски овие денови да обзнанат за што преговараат тајно во Софија, истакна денес Антонијо Милошоски, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.

Во продолжение следува интегрален текст од неговата прес-конференција:

Сметаме дека овие преговори кои што ги водат Заев во Скопје, и Бучковски во Софија далеку од очите во јавноста се на штета на македонските национални интереси и се спротивни на европските вредности. За тоа што се преговара за етногенезата на еден народ, на Македонците и за автономното настанување на континуитетот на македонскиот јазик.

Зоран Заев овие денови со неговиот дует Бучковски преговараат нешто што веќе Заев го најави во скандалозното интервју пред половина година дека ќе потпише анекс или друг облик на гаранција кои што ќе значи прифаќање на анахроните позиции кои што беа изгласани во декларацијата на бугарското собрание. Истите се спротивни на македонските национални интереси и се косат со европските права и слободи на секој народ.

Самиот Заев тогаш рече дека е блиску до решение, но реакцијата на јавноста беше единственото нешто што го спречи да го направи тоа предавство. За тоа најавуваме дека доколку двоецот Заев – Бучковски се обидат преку овие тајни преговори кои во изминативе три дена се водат во Софија повторно да направат уште едно предавство, ќе ја имаат истата и уште посилна реакција од народот, и во институциите, и на улиците и на секоја можна форма која што ќе го попречи ваквото предавничко однесување.

Да потсетиме дека декларацијата која што беше прифатена во парламентот во Софија е исклучително штетна и не носи ништо добро за едни рамноправни и добрососедски односи. Туку целата е анахрона и има негаторски став кој што значи понижување за еден од соседите, а тоа е Македонија како матична држава на македонскиот народ.

За тоа сметаме дека двоецот Зоран Заев и Владо Бучковски треба пред македонската јавност да го покажат нацрт текстот на она што го подготвуваат со нивните преговарачи во Софија, во кој што како што дознаваме од дипломатски извори прифаќаат декларацијата на бугарското собрание да стане составен дел од преговорите на Македонија за ЕУ.

Секоја држава која што е кандидат за членство има преговарачка рамка со ЕУ, и таа преговарачка рамка треба да ги содржи стандардите на ЕУ и нивното достигнување, но ниедна земја досега не прифатила во преговарачката рамка да се постават услови кои што значат обезличување на идентитетот на еден народ затоа што тоа е спротивно на вредностите на ЕУ.

Во таа Декларација која беше прифатена од бугарското Собрание се негира и постоењето на македонскиот јазик и постоењето на АСНОМ, се негира и постоењето на антифашистичката борба на македонскиот народ.

Заев затоа крие, Бучковски затоа молчи. Сметаме дека двајцата, овие корумпирани политичари немаат ниту легитимитет ниту право да направат ваква долготрајна штета на македонските национални интереси и само за да си ги зачуваат своите позиции кои се поврзани со многу афери и корупција да прифатат бугарската Декларација да стане дел од преговарачката рамка на Македонија во ЕУ, односно да стане дел од поглавјето темели и дел од поглавјето број 35 кое што се однесува на други прашања поврзани со соседите земји членки на ЕУ.

ВМРО-ДПМНЕ внимателно и будно го следи овој процес, предупредуваме дека ова е многу штетно за Македонија, тајните преговори оставаат голем сомнеж дека Заев повторно во преговорите на прво место ќе ги стави своите лични, функционерски и коруптивни интереси, а на штета на македонските национални и долгорочни интереси

Македонија не смее да биде понижена и не смее да ги прифати условите кои се ретроградни од Декларацијата од бугарското Собрание да станат услови за преговори и членство во ЕУ.

Доколку такво нешто се случи, тогаш Македонија нема да има свое образование, своја историја, култура и своја етногенеза, туку ќе има корупција условување и ќе има разговори за минатото и за историјата а нема да има перспектива и развој на државата.