Со обвинувања дека се работи за закон за бизнис интереси на Артан груби и ДУИ, кој нема да ги заштити децата, туку напротив ќе го внесе коцкањето во нивните домови, собраниската Комисија за европски прашања го усвои предлог Законот за изменување и дополнување на игрите на среќа, се вели во прилогот на ТВ Телма.
Опозицијата обвинуваше дека се злоупотребува европското знаменце за носењето на законот, и дека тој се носи за парите од коцкањето да завршат кај фирми блиски до ДУИ. Власта се бранеше дека законот се носи за заштита на децата и ставање ред во коцкањето.
Вработени во Кабинетот на вицепремиерот Груби ќе ја имаат најголемата корист од отворањето на овие нови казина, каде што ќе се перат парите добиени од провизија, коишто на неделна основа ги добиваат и министерот Груби, и министерот Крешник Бектеши, и директорот на Државните патишта, и многу други функционери коишто сите овие црни пари треба да најдат начин како да ги легализираат“, вели пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ.
Ако ВМРО-ДПМНЕ има такво искуство со провизиите, ние такво искуство немаме, одговори пратеникот Арбер Адеми од ДУИ.
Според предлогот, се забранува да има автомат клуб, спортска обложувалница или друг објект за организирање игри на среќа на 500 метри од училиштата. Исто така се отвора можноста за организирање игри на среќа преку интернет. Државната видео лотарија веќе објави јавен повик за три странски фирми кои во соработка со државната лотарија ќе организираат игри на среќа на интернет.
Кога има сиромаштија, се зголемува и коцкањето, а власта сега го олеснува, обвини пратеникот Фадиљ Зендели од Беса.
„Не 500 метри што не ги оддалечуваме, туку сега ги внесуваме во нашите куќи. Со технологијата, преку таблетите, преку телефоните, на некој начин овие игри на среќа ги внесуваме во нашиот дом и работата од 500 метри се заборава“, изјави пратеникот Фадиљ Зендели од Беса.
„И сега се овозможува со електронските средства да имаат учество во овие дејствија. И без ова, и сега има онлајн дејствија, но работата е дека сега има монопол и некој го штити монополот, тука е прашањето“, вели пратеникот Арбер Адеми од ДУИ.
Здружението на вработени во игри на среќа реагира дека носењето на овој закон ќе ги остави без работа, а игри на среќа на интернет ќе организираат странски фирми со по неколкумина вработени.