Собраниската Комисија за надворешни работи денеска од Министерството за надворешени побарала списи за предлогот за решение на спорот за името што во саботата официјално го соопшти премиерот Зоран Заев – Република Илинденска Македонија, соопшти денеска претседателот на оваа Комисија Антонио Милошоски.
– Многу е тешко да се изгради став кога немаме предлог и затоа сакаме како Комисија за надворешна политика да побараме од министерот за надворешни работи да ги достави списите на кои се базира овој можен предлог за да можеме да заземе став како пратенции и како Комисија за надворешна политика, рече Милошоски.
Пратеникот, кој доаѓа од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, изрази надеж дека министерот Никола Димитров ќе ги испочитува пратениците.
– Сите имаат сертификат за државна тајна, сите имаат одговорност кон државата како и тој, рече Милошоски додавајќи дека пратениците се подготвени документите да ги разгледаат на затворена седница доколку министерот за надворешни работи Никола Димитров одговори позитивно на нивното барање.
Искажувајќи лично мислење, тој кажа дека има контроверзи за овој предлог затоа што за него има различни ставови.
– Ставот на премиерот Заев беше дека идентитеските прашања остануваат непроменети, како што се сега во ОН, додека вчера во едно интервју министерот за надворешни работи Димитров за јазикот кажа дека ќе биде македонски без превод, и гледаме дека или нема усогласеност или дека некој знае повеќе или дека нешто се крие од јавноста и затоа ценам дека е добро да имаме писмен предлог, рече Милошоски.