Ќе  посочам на еден пример колку оваа влада не ги следи извештаите од државните институции, но очигледно приоритетите се други поврзани со провизии и тендери. Денес зборуваме за разрешување на министер за информатичко општество, а Македонија се соочува со најголемиот проблем во изминативе 35 години со кој за жал се докажува дека сме најназадни во државните институции во информатичкото општество, изјави пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски на денешната собраниска седница,

Тој истакна дека тука се засегнати 2 милиони осигуреници во примерот со ФЗО, а владата била навреме предупредена од Државниот завод за ревизија.

– ДЗР има доставено извештаи и до Собранието и до владата, се надевам премиерот наоѓа време да ги чита, каде што е наведено дека една од главните слабост на ФЗО е слабост во функционирање на ИТ системот. Пред се во делот на континуиран недостиг на ИТ кадар отсуство на информатички стратегии, неажурирани информатички политики и процедури за информатичка безбедност застарена серверска структура, рече Милошоски.

Тој потенцира дека не само што го увиделе недостатокот туку и на владата и го кажале решението.

– Ако владата внимателно го прочитала овој извештај од 2021 година денес немаше да го имаме најголемиот проблем во ФЗО и немаше да имаме најголемата здравствена несигурност во Македонија, каде што несигурни се лекарите, пациентите, и оние кои се соочуваат со ретки болести и сите оние семејства поврзани со вакви работи, многу пензионери зависат од редовно функционирање на фондот, изјави Милошоски.