Јазикот и идентитетот на Македонците не му нанесуваат штета на никого — напротив, тие се дел од светското културно наследство и заслужуваат почит и грижа. Љубовта кон македонскиот јазик се роди од потребата да се поврзам суштински со луѓе кои беа потиснувани само затоа што го зборуваа својот јазик. Мојата ангажираност со македонскиот јазик и литература, сега е дел од мојот идентитет. Тоа е чин на солидарност и отпор кон заборавот, неправдата и потиснувањето, порача најновиот афирматор на македонскиот јазик и книжевност во Грција, Сотирис Минас.
Минас во средата присуствуваше на манифестацијата „Денови на поезијата“ во Скопје, каде во разговорот со авторот Иван Антоновски, напомена дека културната разновидност не претставува закана, туку збогатување.
Тој вели дека македонската поезија заслужува да се слушне не само затоа што е естетски вредна, туку затоа што ја носи душата на еден народ. Поезијата, како што додава, не е само за читање, туку и за да нè натера да размислуваме, да чувствуваме и да се разбереме подобро едни со други.
-Иако немам македонско потекло, таа внатрешна потреба ме доведе, околу мојата 25-та година, до подлабоко истражување на македонското прашање. Преку истражувањето почнав да разбирам колку е изопачена историјата и колку систематски е потиснато постоењето на еден цел народ. А кога, неколку години подоцна, лично ги запознав Егејските Македонци, сè што дотогаш го имав прочитано доби човечка форма. Нивните сведоштва за прогон, страв и репресија ме обележаа. Се чувствував како да слушам приказни за моето сопствено семејство, за моите предци. Таа идентификација беше клучна, вели Минас.
Годинава чествуваме и 100 години од „Абецедарот“ и 80 години од кодификацијата на македонскиот јазик. Според Минас, издавањето на „Абецедарот“ пред 100 години претставува многу важен настан во историјата на македонскиот јазик.
-Иако ова признавање од страна на грчката држава беше ограничено и краткотрајно, сепак останува значаен доказ дека македонскиот јазик постоел и бил институционално признаен, макар и за краток период. Ова признавање, колку и да беше привремено, укажува на постоењето на македонскиот јазик и на идентитетот на Македонците во Грција, и претставува важна пресвртница во историјата на малцинствата во земјата. За жал, издавањето на „Абецедарот“ и ден-денес останува речиси непознато за пошироката јавност во Грција. Иако постоеше повторно издание од издавачката куќа „Батавија“ во 2006 година, малкумина знаат за неговото постоење. Голем дел од грчкиот народ и понатаму верува дека во Грција не се зборува некаков македонски јазик, а дури и луѓето кои го зборуваат, често го нарекуваат „допја“, односно „локален јазик“ — било од незнаење, било од страв, или пак од интернализирана стигматизација, додава Минас.
Според Минас, поезијата на Кочо Рацин, со длабоката социјална димензија и хуманистички говор, е во сродство со други големи грчки поети од подоцнежниот период, како Јанис Рицос, Манолис Анагностакис, Тасос Ливадитис и други, кои исто така ги претвориле социјалните проблеми и класните нееднаквости во поетски дела исполнети со емоционална напнатост и хуманистичка чувствителност.
-Рацин, со чистотата на неговиот израз, му даде глас на обичниот трудбеник, работникот, земјоделецот, и непокорниот дух на секојдневниот човек. Критиката на социјалните структури, осудата на потиснувањето и експлоатацијата, како и фокусот на колективноста и солидарноста, го поврзуваат делото на Рацин со грчката социјална поезија, во заедничка потрага по правда и човечност, појаснува Минас.
Тој е на ставот дека поезијата и литературите секогаш имаат моќ и свој начин да ги обединат луѓето, дури и кога зборовите поминуваат од еден јазик на друг.
-Имало времиња кога работите биле потешки, со политички напнатости кои влијаеле врз литературите. Но денес гледам дека имаме шанса. Постојат нови можности за соработка и за претставување на македонската поезија во Грција, како и на грчката поезија на македонски јазик. На крајот, поезијата не е само за читање, туку и за да нè натера да размислуваме, да чувствуваме и да се разбереме подобро едни со други. И тоа е нешто што вреди да го градиме, чекор по чекор, вели Минас.
Фото: принтскрин