Изјавата на вицепремиерот Меџити на партиски настан за масовни вработувања во јавната администрација во период од една година е класичен пример на предизборен популизам, без никаква правна или институционална основа.
Оттука, би го замолил г-динот Меџити да не се однесува како Алиса во Земјата на чудата, ветувајќи нешто што ниту е реално, ниту е возможно без кршење на законските процедури и принципите на доброто управување.
Јасно и недвосмислено потенцирам дека сите вработувања во јавниот сектор во моментов се одвиваат исклучиво според потребите на институциите, врз основа на претходно добиени согласности од релевантните институции и во согласност со Законот за вработени во јавниот сектор и Законот за административни службеници.
Секое вработување се заснова на принципите на компетентност, стручност и професионална подготвеност на кандидатите, а не на партиски ветувања или политички притисоци.
Министерството за јавна администрација е цврсто посветено на почитувањето на мерит системот, што значи дека вработувањата и унапредувањата во јавниот сектор мора да се темелат исклучиво на квалитетот и способностите на кандидатите, а не на нивната етничка или политичка припадност.
Политиката на популистички вработувања не само што би го нарушила интегритетот на администрацијата, туку и би ги загрозила реформите кои имаат за цел создавање ефикасна, професионална и деполитизирана јавна администрација.
Јавниот сектор не е предизборен пазар каде што се раздаваат работни места во замена за политичка поддршка.
Граѓаните на Република Македонија заслужуваат институции кои работат професионално и транспарентно, а не администрација изградена врз база на популистички ветувања.
Затоа, апелирам на одговорност и реален пристап кон јавните политики, а не на нереални ветувања кои служат само за собирање политички поени во пресрет на изборите.
Кабинет на министерот за јавна администрација Горан Минчев