Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, вели дека платите во администрацијата се мали, но барањето за зголемување од 30 проценти е преголемо.
Тој нагласи дека зголемувањето ќе биде возможно само ако се обезбедат средства преку Министерството за финансии, но процесот ќе бара време поради проблемите со буџетот.
Минчев во интервју за 24 вести истакна дека сега има големи дупки во буџетот, наталожени со години, и дека не може преку ноќ да се решат.
Во врска со протестот што е најавен за 14 јануари, Минчев изјави дека тоа е демократско право, но додаде дека треба да се најдат начини за дијалог со сите засегнати страни, вклучително и синдикатите.
За новите законски решенија, тој посочи дека тие се во согласност со европските стандарди и имаат за цел реформирање на јавната администрација, каде што ќе се подобри квалитетот на работата на вработените.