Тимчо Муцунски, министерот за надворешни работи, објави заедничка фотографија на која тој и премиерот Христијан Мицкоски оствариле куса средба со поранешниот премиер на Грција, Јоргос Папандреу во рамки на Минхенската безбедносна конференција.

Како што објави Муцунски, средба имало и со специјалниот претседателски пратеник на САД за специјални мисии, Ричард Гренел, инаку поранешен в.д. директор на Националното разузнавање, со кого Мицкоски веќе имаше неколку средби.

На денешниот настан во рамки на Минхенската безбедносна конференција наменет за пристапот на Балканот кон ЕУ, Мицкоски истакна дека македонскиот пат кон ЕУ започна многу пред да започне евроинтегративниот процес на Албанија, дури и пред Хрватска, но „дека за нас системот на заслуги останува бајка“.